Францускиот претседател Емануел Макрон му напишал писмо на шефот на државава, Стево Пендаровски.
Во продолжение е интегралниот текст од писмото што претседателот на Француската Република, Емануел Макрон го испрати до претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
„Почитуван господине Претседател, Ви благодарам за Вашето писмо по нашиот состанок во Лондон. Ја користам оваа прилика да Ви ги упатам моите најискрени желби за вас и за Вашата земја и да ѝ посакам на Северна Македонија година на хармонија и натамошен напредок на нејзиниот европски пат.
Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји пред триесетина години, Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Роберт Бадентер, кој учествуваше во изготвувањето на вашиот Устав, со работата на француските дипломати и војници кои помогнаа да се спречи избувнување граѓанска војна во раните 2000-ти и помош да се склучи Охридскиот договор, и најпосле, во решавањето на вашиот спор со Бугарија.
Ви честитам за напредокот постигнат во изминатата година. Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет.
Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство наскоро ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда.
Упатувајќи Ви ги повторно моите искрени честитки, Ве молам господине Претседател, да ги примите изразите на моето највисоко почитување“, му напишал Макрон на Пендаровски.