Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во синоќешното гостување во емисијата Клик Плус на телевизија 21 потенцираше дека граѓанското движење на следните парламентарни избори ќе ја стекне довербата од граѓаните.
„Ние сме во фаза на формирање на граѓански здруженија коишто сакаат и политички да бидат активни, да покажат општествена одговорност како здружение кон граѓаните, а потоа и со цел да се здружат во едно движење на национално ниво коешто на следните парламентарни избори ќе учествува и ќе даде своја понуда пред граѓаните. Името уште не е дискутирано, сите имиња доаѓаат предвид, но самите здруженија ќе ги дадат предлозите на имињата, а потоа ќе го избереме најсоодветното“, рече Димитриевски.
Тој истакна дека иницијативата и кандидатурата за искуството од Куманово е произлезена од граѓаните и за граѓаните, каде што пристапиле сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или политичка припадност, а истото продолжува да се применува и во останатите градови.
„Рамките на движењето ќе се дефинираат согласно програмата, моето убедување е лево, но, можам да кажам по некои прашања сум десничар по однос на националниот интерес и треба да имаме порестриктивни политики во овој дел“, посочи Димитриевски.