Кандидатот за градоначалник на Куманово и актуелен прв човек на општината, Максим Димитриевски, денеска се сретна со новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, со организациониот секретар на Алтернатива, Башким Муртези, и со пратеникот Даниел Стојчевски.

На средбата, како што соопшти Димитриевски, претставниците на коалициониот партнер ВРЕДИ му изразиле „искрена и силна поддршка“ за претстојниот втор круг од локалните избори во Куманово.

„Во топлиот и искрен разговор од претставниците на Коалициониот партнер ВРЕДИ добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Куманово, поддршка која ја отсликува мултиетничката и мултикултурната реалност на нашиот град, која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред во остварување на проекти во интерес на сите граѓани на Куманово,“ објави Димитриевски.

Тој им се заблагодари на сите кои, како што рече, ја препознаваат и поддржуваат визијата за иднината на Куманово и Македонија.

„Заедно ќе продолжиме да го градиме нашиот град и да работиме во интерес на наши Кумановчани,“ додаде Димитриевски.