Земјоделци од неколку општини во земјава почнаа со пријавување на штетите по силното невреме проследено со град и ветар. Општинските комисии за проценка на штети се формирани на вонредни седници на Советите, а земјоделците треба да ги пријават до нив, по што ќе излезат на терен и треба да проценат колкави се штетите пред се на лозовите и овошните насади, пластениците со раноградинарски производи, а помали штети има и на житните култури.
Министерот за земјоделство, шумарството и водостопанство, Љупчо Николовски на земјоделците им порача дека пари во буџетот има за исплата на штети од елементарни непогоди.
-Општините формираат Комисии, што прават увид, проценки по новата методологија донесена од Министерството за финасии. Тие елаборати се донесуваат на Советите на општините и се доставуваат до државната Комисија за обештетување, која е во рамки на Владата и веднаш ќе бидат процесуирани во понатамошните фази, вели Николовски.
Но, најголем дел од земјоделците не ги осигуруваат површините. Таков е примерот и во руралната Општина Лозово во Овчеполскиот регион, каде што над 90 проценти од жителите егзистираат од производство на храна.
Иле Петров од Лозово има два хектари лозови насади и околу шест хектари јачмен. Неговите лозови насади од градот со големина на тениско топче се оштетени од 30 до 70 проценти. Смета дека годинава од жетвата на јачменот ќе има мали приноси. Но, како што вели, комбајнот ќе помине и ќе го ожнее она што останало. Годинава не ги осигурал своите земјоделски површини од непогоди.
-Јас немам осигурано, има можеби некои земјоделци кои осигурале, вели Петров.
Земјоделците по секое невреме или мраз чекаат пари од буџетот. Причина, според нив за незаинтерисираноста за осигуравње на посевите се недоречености во полисите и високите премии, кои треба да им ги дадат на осигурителните компании.
Младен Митев, чија компанија е најголема во штипско-карбинскиот регион за одгледување овошје и има околу 200 хектари под вишни, сливи и цреши вели дека незамисливо е еден современ земјоделец во услови на климатски промени да не ги осигура своите посеви.
– За жал при потпишувањето на полисите за осигурување, што ние секоја година ги потпишуваме и ги осигуруваме нашите посеви, има доста недоречености. Прво во општите правила за осигурување на овие наши плантажи. Кога земјоделците осигуруваат, прво осигуруваат од основен ризик, како што се олуја, град и слично. Додека посебно е осигурувањето за доцни мразеви,што не се доречени до крај во кој период се случуваат и тоа е една од причините зошто земјоделците не ги осигуруваат посевите од доцни мразеви, вели Митев.
Посочи дека осигирувањето се избегнува и поради високата премија за овој дополнителен ризик.
Другата страна која треба да ни биде партнер секогаш се обидува да има недоречености, што осигурувате и од што сте заштитени. Ако ви се случи некоја непогода, тогаш има друго толкување на осигурување, како што е па плодовите не биле паднати на земја, тоа било основно осигурување, а не осигурување од квалитет. Тоа било посебно осигурување и требало да платите повторно дополнителна премија за тоа. Сето тоа кога ќе го соберете на некој начин ги одвраќа помалите земјоделци да се осигурат и на крај, ако имате чиста состојба, ситуација да се изразам со еден спортски жаргон ќе направат повторно некои од компаниите ќе направат обид да не исплатат тоа што треба да го исплатат, вели Митев.
Тој секоја година ги осигурува своите посеви, со цел да има некои средства од исплатата на осигурителните компании да вложи во производството за наредната година. Посочува дека големите земјоделски фирми, како и помалите земјоделци се соочуваат и со друг проблем, а тоа е ако три години немаат елементарна непогода, а во четврата им се случат штети од град, мраз или силен ветар, веќе петата година компанијата ги известува дека не се заинтерисрани да им продадат земјоделско осигурување, со образложение дека нивните површини се наоѓаат во високо ризично подрачје.
Четири осигурителни компании продаваат земјоделско осигурување
Според податоците од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, кои ги доби МИА, сега од 11 компании само четири продаваат земјоделско осигурување. Годинава се склучени само 654 договори за осигурување во земјоделството и сточарството, нивната вкупна вредност е близу 119 милиони денари. Сумата на бруто исплатена штета од осигурителните компании годинава е 400.000 евра, додека лани таа сума лани достигнала речиси пет милиони евра.
Подготвен е нацрт Закон за задолжително земјоделско осигрување
Земјоделците, овоштарите, лозарите и сточарите бараат нов Закон за задолжително земјоделско осигурување, со цел нивното производство да биде заштитено, во случај на елементарните непогоди. Секој земјоделец, сточар, лозар или овоштар на годишно ниво ќе има осигурителна полиса, како што еден возач има за својот автомобил и задолжително ја плаќа при регистрацијата на возилото.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски вели дека веќе е подговен нацрт Закон за задолжително земјоделско осигурување, на кој интензивно се работело изминатите три месеци.
-Законот предвидува задолжително осигурување на земјоделските стопанства и отвара можност за формирање на земјоделски осигурителен фонд, заедно со сите осигурителни компании и со Агенцијата за супервизија на осигурување. Јас одржав неколку состаноци со Агенцијата и со неколку осигурителни компании. Следниот состанок е во понеделник, со што конечно ќе имаме ново законско решение, кое повторно ќе се најде пред пратениците, вели Николовски.
Забележа дека мора да се менува свеста кај земјоделците за задолжителното осигурување и да се применуваат новите мерки, со цел да се прилагоди земјоделското производство на климатските промени.