Колумна на Проф. д-р Самоил Малчески
Деновиве после пописот се поактивни се критиките за нелогичностите и за манипулациите кои се прават со статистичка операција чија што цел е сосема поинаква. Имено и покрај многуте нелогичности, некомплетноста на податоците, како и двојните страндарди кои ги применува ДЗС, самите податоци откриваат и еден куп лаги кои Владата ни ги презентира изминатите години.
Една од клучните лаги, со која не бомбардира Владата е колку успешно истата се справува со пандемијата изминатите две години. Но доколку подетално се погледнат бројките, ситуацијата е сосема поинаква. Имено доколку се земат бројките за смртноста како последица на пандемијата може да се заклучи дека нашата Влада е лидер во неспособност и лажење.
За што станува збор? Според податоците објавени од Центарот за јавно здравје, односно Министерството за здравство, а кои ревностно ни ги соопштуваше екс министерор Филипче, од почетокот на пандемијата до денес, во нашата држава како последица од Ковид 19 починале вкупно 9 221 лице, односно таа бројка до 1.1.2022 година е 7 969 лица. Притоа оперирајќи со бројка од 2 083 000 жители, последната бројка која ни ја презентираше Филипче е дека бројот на почитаните од Ковид 19 е 4 427 лица на еден милион жители. Согласно презентираните податоци до вчера ова беше петта највисока стапка на смртност во светот (повисоки се стапките само во Перу, Бугарија, Босна и Херцеговина и Унгарија).
Притоа, иако бројката од 2 083 000 жители, после пописот во 2021 година се намали на 1 836 713 жители (според мене и оваа бројка е спорна, но за тоа во друга прилика) и тоа беше првиот официјален податок кој ни го соопшти Апостол Симевски уште во септември месец 2021 година, Владата, Заев и Филипче си продолжија да си оперираат со старата бројка на жители и продолжија да ја лажат јавноста. Доколку презентираната смртност, „административно“ се корегира како што милува да каже Симевски, тогаш според бројките кои ни ги пласираат во овој момент, таа изнесува 5 020 лица на еден милион жители, што значи дека Македонија според овој показател е на застрашувачкото трето место во светот, одма зад Перу и Бугарија.
Но, дали е тоа баш така? Според податоците кои ги публикува ДЗС во периодот од 2015 до 2021 година во Република Македонија починале вкупно 155794 жители, од кои во периодот пред пандемијата, и тоа 2015-2019 година починале вкупно 101193, а додека пак во 2020 и 2021 починале 25 755 и 28 816 жители, соодветно. Ако се направи просек во периодот од 2015 до 2019 година во просек годишно бројот на починатите лица е 20 239. Понатаму, во следните две години т.е. во 2020 и 2021 година бројот на починатите лица е 54 571, односно во овие две години просечно годишно починале 27 286 лица, што е просечно за 7 047 лица повеќе отколку во претходните пет години. Секако ваквата висока смртност е резултат на пандемијата со која нашата Влада „успешно“ се справува бидејќи друго разумно објаснување за вакво зголемувањето на просекот на бројот на починатите лица, кумулативно во 2020 и 2021 година, од неверојатни 14 094 лица и да не постои.
Меѓутоа, Владата упорно не лажеше дека до 1.1.2022 година од Ковид 19 починале само 7 969 лица (податок добиен со собирање на бројките кои Министерството за здравство ги лиферуваше во јавноста). Човек не треба да е многу умен да пресмета дека разликата во бројките за смрноста кои во јавноста ни ги сопштуваше Филипче и оние кои се публикувани од страна на ДЗЕ е 6 125 лица, што е за 76,86% повеќе.
Притоа, ако се земе неточниот податок дека во тој период во нашата држава живееле околу 2 083 000 лица, добиваме дека за време на пандемијата на еден милион жители умреле дури 6 766 лица повеќе, што Македонија ја става на неславното прво место во светот. Но, ако се земе дека според последниот попис во Македонија има 1 836 713 жители, податок кој сам по себе е многу спорен и контрадикторен, добиваме дека оваа бројка е 7 673 жители, што е за неверојатни 3 246 жители повеќе. Воедно и со оваа бројка според официјалните податоци на СЗО во моментов Македонија е на неславното прво место пред Перу за кој има податок за починати 6 284 лица на еден милион жители, што е за 1 389 лица помалку од Македонија. Попрецизно, во однос на Перу бројот на починатите лица на еден милион жители во нашата држава е за дури 22,10% поголем.
Вака фатен во лага, со конкретни бројки не е само екс министерот Филипче, директно одговорни се и Министерот за внатрешни работи Спасовски, тогашниот Министер за правда Марициќ, како и директорот на Државен завод за статистика Симевски. Тие биле должни и се должни да не не лажат и во јавноста да пласираат точни информации и податоци. Ова е уште побитно за кредибилитетот на институциите кои ги раководат.
Оттука, јавно се поставува прашањето, дали треба да им се верува на овие луѓе кои лажеле во СЗО, ја лажеле меѓународната заедница, не лажат сите нас и јавно не ја говорат вистината. Се разбира дека не! Има една народна поговорка која вели „Со лага ага не се бидува.“ Тоа, Заев го почувствува на своја кожа, време е и неговите слуги да се соочат со вистината.
Време е за одговорност за сите лаги и манипулации со кои бевме бомбардирани изминатиот период. Време е за оставки и избори после кои ќе добиеме кредибилна Влада составена од професионалци со биографии, лични и професионални успеси и минат труд. Доста е од лажови и ефтини фолиранти, пишува Проф. д-р Самоил Малчески