При мешаните патроли од полициски службеници, родители и претставници од секторот за образование при локалната самоуправа и од Центарот за социјални работи, што викендот се реализираа во Струга, се затекнати малолетни лица во угостителски објекти по 24 часот, а кај еден од нив се пронајдени и одземени електро-шок направа и метален пендрек.
При контролите во рамките на превентивната кампања „Соседска патрола“, како што информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, во периодот од 22 до 2 часот по полноќ била направена обиколка низ угостителските објекти и на отворен простор, каде што во ноќните часови младите најчесто се собираат и се задржуваат.
„Притоа, кај еден малолетник, се пронајдени и одземени една електро-шок направа и метален пендрек, по што е повикан неговиот родител и во присуство на претставник од Центарот за социјални работи, во полициската станица е извршен разговор. Во повеќе угостителски објекти, по 24 часот се затекнати малолетни лица, поради што против одговорните и правните лица ќе бидат поднесени соодветни пријави“, изјави Димоски.
Целта на кампањата, додаде тој, е родителите да видат какви се условите каде што излегуваат нивните деца, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните ризици со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.
„Целта на проектот е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да се придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, да се подигне нивната општествена свест и совест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места како и доследно да се почитуваат законските одредби, пред сѐ, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир“, рече Димоски.