Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ реагира на барањата на Кацарска
Уставната судијка Добрила Кацарска, која стана дел од Уставниот суд преку ноќ со поддршка на СДС, поради своите пресуди за настаните од 27 април, побара укинување на линеарното зголемување на пензиите од 7.000 денари. Истовремено, таа бара зголемување на сопствената плата за околу 100 илјади денари, посочи Манасиевски на прес-конференција.
„Додека поединци судии и обвинители кои немаат ниту кредибилитет ниту легитимитет, блиски до структурите на СДС, јавно бараат енормни зголемувања на платите, Кацарска по насока од СДС бара намалување на линеарното зголемување на пензиите“, истакна Манасиевски.
Тој додаде дека СДС, кои, како што рече, ја крахирале економијата и го контаминирале судството со свои кадри, сега преку Кацарска се обидуваат да им ги одземат парите на пензионерите.
„Додека СДС молчи, бидејќи во нивно време пензионерите добиваа по 150 денари покачување, нивните инфилтрирани поединци во судството бараат европски плати со доверба од едвај 2%. Во регионот и Европа, правосудните органи со поголема доверба имаат плати слични на нашите, а кај нас судиите и обвинители со 2% доверба бараат двојно зголемување до над 6.000 евра, а притоа се бара кратење на пензиите на пензионерите. Чест на исклучоци, но поголемиот дел од овие контаминирани и корумпирани кадри блиски до СДС немаат ниту срам, ниту образ“, рече тој.
Манасиевски нагласи дека додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, економијата ќе расте, а со тоа и пензиите и платите.
„ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните и го подига животниот стандард. Бараме од СДС јавно да се огради од барањата на Кацарска за поништување на зголемувањето на пензиите, кои таа ги побара од Уставниот суд“, заклучи претставникот на партијата.
