Свесни за кризата во која се наоѓа државата, како одговорни граѓани решивме и ние да донесеме подарок на мандатарот Ковачевски. Доволно добивавме подароци од власта во форма на поскапена струја, поскапено парно, поскапени производи во маркетите, решивме и ние да вратиме, изјави денеска Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегрален текст од изјавата на Манасиевски:

Свесни за кризата во која се наоѓа државата, како одговорни граѓани решивме и ние да донесеме подарок на мандатарот Ковачевски. Доволно добивавме подароци од власта во форма на поскапена струја, поскапено парно, поскапени производи во маркетите, решивме и ние да вратиме.

Бидејќи јавноста дозна дека владата набавува нов прибор за јадење со позлатени чинии, лажици, виљушки, ножеви за новиот мандатар, ние решивме да ги поштедиме од трошоци и таквиот прибор да му го подариме во име на граѓаните. Еве владата не мора да троши 37 илјади евра, кои се рамни на 140 месечни плати на еден работник, туку нека го искористи овој позлатен прибор, ако веќе премиерот мора да јаде со златни лажички, виљушки, чинии. Слатки нека му се октоподот, шкампите, лигњите и бранцинот во новите позлатени чинии.

Народот можеби во својот дом ќе нема греење, можеби ќе нема леб, ама луксузот во владиниот кабинет не смее да трпи. Одговорноста на народот е голема и затоа ќе воведе мерки на народно штедење, ќе се откаже од поскапената храна, ќе се покрива со јамболии, ќе плаќа поскапи сметки, но овие чинии никогаш не смеат да останат празни. Доволно ќе биде мандатарот Ковачевски секогаш кога ќе јаде од полните златни чинии да се сети барем на миг на овој народ кој сето тоа му го овозможил. На народот му остана шегата, за да не заплаче. Велат секоја шега е половина вистина, но овој пат тоа е полна и болна вистина, рече Манасиевски.