Коста Маневски најави дека општина Зелениково обезбедува еднократна парична помош за секое новороденче

На денешниот настан, Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Зелениково, Коста Маневски. Тој ги наведе клучните проекти реализирани во општината. И истакна дека со транспарентно работење и јасна визија се доаѓа до резултати важни за граѓаните. Меѓу најзначајните е обезбедувањето на еднократна парична помош за секое новороденче.

Маневски потенцираше дека за прв пат во Зелениково ќе се изгради градинка со капацитет за 86 деца, што ќе донесе над 20 нови вработувања. Дополнително, општината обезбедува помош во висина од 5.000 денари за секое новородено дете.

„Во мала општина како Зелениково тешко е да се работи поради мал буџет. Кога го презедов мандатот, наследивме лоша финансиска состојба, но заедно со администрацијата, советот и граѓаните ги утврдивме потребите и веднаш започнавме со работа. Подготвивме урбанистичка документација и благодарение на Владата ќе изградиме нова градинка за 86 деца, што ќе донесе повеќе од 20 нови вработувања. Отворивме целодневен престој за учениците од прво до трето одделение. За прв пат општината обезбедува еднократна парична помош од 5.000 денари за секое новородено дете. Дополнително, се дава и еднократна финансиска помош од 3.000 денари за секое запишано дете во прво одделение, како и училишни униформи“, изјави Маневски.