По скандалот што ја тресе Клиниката за онкологија, со свој став се јави и заменик министерката за здравство Маја Манолева која оцени дека со ова се прави напад врз здравјето и животот и побара одговорност.
„Јас како заменик-министерка, но и како доктор, сум згрозена од наводните постапки во случајот на Клиниката за онкологија и најостро ги осудувам тие акти што на бесрамен и криминален начин некој се обидел да заработува врз грбот на нашите пациенти и нивната борба за живот.
Навистина ми е жал за сите пациенти кои биле жртви на оваа криминална мрежа и се надевам дека правдата ќе биде задоволена во нивно име. Ваквиот тип на злоупотреба е напад врз животот и здравјето на нашите сограѓани кои се борат против тешки болести, а исто така, ставаат и црна точка врз медицинската професија, што е спротивно на она за кое ние како медицински персонал се залагаме, а тоа се хуманоста и човечкиот живот.
Нашата одговорност како министерство за здравство е да се бориме против секоја форма на злоупотреба и корупција во здравствениот систем. Како одговорни лица, ќе соработуваме со судските вештаци за да се откријат сите виновници и истите да бидат извадени пред лицето на правдата. Исто така, ќе ги поддржиме сите мерки кои ќе се преземат за заштита на пациентите.
Со целосна поддршка на акцијата на МВР и ОЈО треба да покажеме дека имаме нула толеранција кон криминалот и злоупотребата во здравствениот систем. Нашата цел е да обезбедиме квалитетна и безбедна здравствена услуга за сите наши граѓани, и оваа акција е важен чекор кон постигнување на таа цел“ истакна Манолева.