МАНУ доби нова опрема со која ќе ги истражува наследните, генетските и ретки заболувања, но и останатите болести како што се малигните и инфективните, а сознанијата ќе се применуваат во секојдневната клиничка пракса за лекување на пациентите.  Академик Александар Димовски вели дека ваквата опрема ќе овозможи на најголемата научна институција во земјава да го држи чекорот со светските стандарди.

-Новата опрема ќе ни овозможи да го задржиме она ниво кое што го имаме, да сме блиску до центарот на извесност, да бидеме вистински репрезент на науката на Македонија во регионот и во Европа и да го задржиме нивото на квалитет на дијагностиката за луѓето на кои што им е најпотребно, луѓето со генетски заболувања.- Академик Александар Димовски – Раководител на истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија

Министерот за здравство, Фатмир Меџити оцени дека ваков тип на најсовремена опрема во рацете на еминентни експерти ќе донесе голем напредок во работењето на МАНУ, а резултатите од направените истражувања ќе се добиваат експресно.

-Сега со најсовремената и најсофистицирана опрема резултатите ќе бидат готови за еден ден, со што значително со што значително се подигнува квалитетот на работата на академијата.

Опремата од над 580.000 евра која ја доби МАНУ е обезбедена од владата, а покрај истражувањето и примената, треба да помогне и во создавање на нови кадри во сферата на молекуларната медицина, каде најчесто пост-дипломците од оваа област и специјализираат.

Академик Димовски вели дека државата мора да почне да издвојува повеќе пари за науката, за младите научници да не заминуваат во странство..

-Имаше идеја, има ветувања од сите, од сите има добра волја меѓутоа кога ќе дојде за вистинско издвојување секогаш науката е она трето прасе, последно, од кое што најлесно се зема и се останува како најситен дел за издвојување, вложување, а сум длабоко убеден во она што го кажав, без вложување во наука нема знаење, без знаење нема напред, се друго само е шлаг на торта, без темели.- Академик Александар Димовски – Раководител на истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија

Годинава предвидени беа само 4 милиони евра за наука, или 0,08% од буџетот, за разлика од некои европски земји во кои за наука се издвојува и над 3% од БДП.