Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ја утврди листата на пријавени кандидати на огласот на Собранието за новиот состав на ДИК

 

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ја утврди листата на пријавени кандидати на огласот на Собранието за новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК). Од пријавените кандидати, шест се од актуелниот состав – Борис Кондарко, Абдуш Демири, Александар Даштевски, Дитмире Шеху, Светлана Карапетрова и Ангелчо Ристов.

Според утврдената листа, пријавени се 16 кандидати. Од нив, седум се за претседател на Државната изборна комисија. Во своите кандидатури навеле и можност за избор за потпретседател или само член на ДИК.

 

Пријавени се 16 кандидати, од нив седум за претседател на Државната изборна комисија

 

По објавениот оглас Абдуш Демири, дипломиран економист и магистер по економски науки, финансии од село Непроштено Теарце, се пријавува за потпретседател.

Бојан Маричиќ, дипломиран правник и магистер по меѓународно и европско право и современи европски студии од Скопје, се пријавува за претседател или член. Тој е поранешен министер за правда кај Заев и вицепремиер во Владата на Ковачевски за евроинтеграции. Познат е по скапите бифтеци и ред антимакедонски закони.

Александар Даштевски, дипломиран правник од Скопје, се пријавува за член.

Ангелчо Ристов, дипломиран правник и магистер по административно право и јавна администрација од Делчево, се пријавува за член.

Викторија Аврамовска Мадиќ, дипломиран правник и магистер по правни науки од Скопје, се пријавува за претседател.

 

На листата на кандидати е и Феузи Џафери, дипломиран правник со положен правосуден испит од с.Чајле Гостивар кој се пријавува за претседател, за потпретседател или член, Светлана Карапетрова – дипломиран економист и магистер по економија, финасии, сметководство и ревизија од Тетово, се пријавува за член.

Актуелниот претседател на ДИК Борис Кондарко кој е дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за член, Марија Митановска Димовска – дипломиран правник од Скопје, се пријавува за член, Дитмире Шеху – дипломиран правник од Гостивар, која е дел од постојниот состав на ДИК, се пријавува за член, Даниела Маркоска – дипломиран правник од Скопје се пријавува за претседател, Елита Шуки – дипломиран правник со положен правосуден и нотарски испит од Скопје се пријавува за претседател, за потпретседател и член, потоа Добре Јанчев – дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за претседател и за член, Бети Ѓорѓиеска – дипломиран инженер по електротехника од Скопје, се пријавува за член, Ивана Костадиноска – дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за член и Благоја Гешоски – дипломиран дефектолог, доктор на дефектолошки науки од Прилеп, се пријавува за претседател, за потпретседател и член.

 

Утврдената листа на кандидати за претседател, потпретседател или член на Државната изборна комисија, ќе биде доставена до претседателот на Парламентот

 

Утврдената листа на кандидати за претседател, потпретседател или член на Дравната изборна комисија, ќе биде доставена до претседателот на Парламентот.

На денешната седница, Комисијата за прашања на изборите и именувањата ги прифати барањата за остварување право на плата на Селим Адеми и Весна Дамева по престанок на функцијата член на Судскиот совет на Република Македонија, како и барањето на Ментор Јакупи за остварување право на плата по престанок на функцијата член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.