Ако навистина ѝ сакаме добро на државата и сакаме да ја оствариме целта – до 2030 година Северна Македонија членка на ЕУ, сега е време тоа да се покаже на дело, порача во интервју за порталот Цивил медиа, секретарот за меѓународни прашања на СДСМ, Бојан Маричиќ.
Маричиќ порача дека сега не е време за популизам и дека блокадите од опозицијата на државата ѝ носат изолација, неизвесност и отвораат простор за влијанија на трети страни.
„Бегањето од носење државнички одлуки и неучествување во најважниот национален процес само го отежнува и забавува прогресот на државата и нè оддалечува од европската перспектива. Доколку не стане проактивна опозицијата и не даде поддршка за уставните надополнувања исходот е јасен, тука застануваме и повторно заглавуваме во чекалната на ЕУ. А тоа не носи добро никому и не треба да биде ова цел на никој, поради било кои причини а најмалку политички” истакна Маричиќ.
Тој додаде дека нашата држава сега е во фаза кога е членството во ЕУ е на дофат и тоа до крајот на декадата, шанса која не се пропушта.
„Сега треба да е целта на сите да останеме на европскиот пат и да ја впишеме Северна Македонија во новиот пакет за проширување во којшто ќе бидат Украина, Молдавија, Грузија и држави од Западен Балкан. Затоа уставните измени мора да се случат до крајот на ноември, да останеме во процесот и да обезбедиме континуитет на преговорите со ЕУ. Колку подолго сме надвор од процесот, толку полошо за економијата, за целокупната клима во државата и толку повеќе млади ќе ја напуштаат државата. Тоа понатаму ќе ја слабее довербата во институциите и ќе биде закана за стабилноста и просперитетот на државата, а тоа сум сигурен дека никој не го посакува и затоа верувам дека ќе успееме да ги завршиме заеднички обврските кои ги имаме на патот до членството во ЕУ” оцени секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ.