Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во Тирана учествуваше на завршната сесија на Форумот на граѓанско општество на која рече дека процесот на проширување се промени и дека веќе е реформиран, посочувајќи дека новата методологија го прави процесот по конкретен и со повеќе можности.

– Денес имаме различен пристап во пристапувањето. Можам да кажам дека има големи сериозни промени во последните месеци, особено по ГлобСек форумот можеме да забележиме дека има сериозни, суштински чекори за проширување на ЕУ. И тоа е голема позитивна промена за нас како земји кандидатки, посочи Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, додаде дека во последните месеци политичките пораки се различни и дека „веќе добивме нешто што го баравме и очекувавме долго време“, укажувајќи на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој 2030 го посочи како возможен датум за идното проширување, за нас како што рече Маричиќ е добредојдено и добро е да го имаме предвид при носењето на одлуки.

– До крајот на мандатот, Европската комисија со поддршка од државите членки на ЕУ треба да ја направи новата Агенда 2030 за проширување, која ќе биде наследство од оваа комисија за следниот состав, што ќе значи шанса до 2030 да станат членки сите кои ќе се спремни за тоа, а истовремено ќе се спречи и забавувањето на процесот, порача Маричиќ.

Во тој контекст вицепремиерот укажа дека сега е вистинско време е да ја забрзаме и да ја завршиме работата до крај, бидејќи има реални позитивни промени за проширување на ЕУ и оваа шанса треба да ја искористи регионот

 Прочитајте повеќе на ТВ21