Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска со свое обраќање ја отвори трибината „ЕУ за македонското културно наследство“, на која рече дека ние сме во срцето на Европа и сме неразделив дел од европскиот идентитет, на кој се гордее цела Европа, укажувајќи дека Европската Унија е културна суперсила, а македонската култура учествува и е дел во тој процес со свој придонес.
– Европската Унија ги отфрли концептите за судир на цивилизации и се посвети на изградбата и негувањето на – сојуз на цивилизации. Во еден таков контекст, од витално значење за Северна Македонија е да ги промовираме нашиот македонски културен идентитет, нашето културно наследство и вредности, а Европската Унија е вистинското место за тоа, изјави Маричиќ додавајќи дека нашиот стремеж за членство во Европската Унија подразбира и подготвеност да го прифатиме целосно и европскиот идентитети дека тоа како што вели тој „на ниту еден начин не значи дека го потиснува или става во втор план националниот идентитет на Македонците, на Албанците и на Турците во земјата, на Србите, Бошњаците, Ромите, Власите, Хрватите, Црногорците, Бугарите и на сите останати“.
Маричиќ кажа дека благодарение на основните европски вредности за еднаквост и почитување на другиот, Европската Унија ги чува милениумските традиции на сите народи и заедници на континентот и дека потребата за негувањето на културата на мирот најдобро ја има искажано Жан Моне цитирајќи го: „Ние не федерализираме држави, ние ги обединуваме луѓето“.
– Како што културната разноликост е во срцето македонската држава, така е и во Европската Унија. Културната разноликост е во сржта на европскиот проект. „Единството во различностите“ е мотото на Европската Унија. На евро монетите на едната страна е сликата на Европа, но другата страна им е оставена на секоја земја членка да одлучи како ќе ја дизајнира. На тој начин многу монети на еврото на втората страна имаат врежан значаен симбол на националното културно наследство на соодветната земја, нагласи Маричиќ.
Тој даде пример дека Република Словачка во 2013 година, кога Европа прославуваше 1150 години од доаѓањето на светите браќа Кирил и Методиј во Моравија, на реверсот од монетата од 2 евра, ги стави ликовите на Светите Кирил и Методиј. Во таа насока рече дека не треба да заборавиме дека единството на Европа во нејзината културна разноликост ја посведочи и папата Јован Павле Втори, кога во 980 година ги прогласи Светите Кирил и Методиј за патрони на Европа.
„Ние сме во срцето на Европа и е неразделив дел од европскиот идентитет на кој се гордее цела Европа“, порача Маричиќ на трибината во рамки на кампањата „Ние сме Европа“, која се одржа во Битола.