Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клаин, на која разговараа за процесот на преговори, за актуелни политички теми и можностите за унапредување на билатералните односи и соработка.

Европскиот пат на Македонија и обврските кои произлегуваат од пристапните преговори мора да останат во нашиот фокус и во текот на оваа година, а за нас е важно да знаеме дека ја имаме поддршката од Унгарија во процесот на преговори и исполнување на целта, рече Маричиќ на средбата. Амбасадорот Клаин, како што информираат од СЕП, потенцираше дека Унгарија дава јасна поддршка за членство на Македонија во ЕУ и укажа дека сега не смее да се дозволи сами да ги блокираме преговорите.

Клаин додаде дека Унгарија и понатаму ќе се залага за проширување на ЕУ со земјите од регионот и дека на тој пат можеме да сметаме на нивната техничка помош и поддршка во спроведувањето на реформите и постигнување на стандардите на ЕУ.

Соговорниците се согласија дека најважниот чекор кон ЕУ Македонија веќе го направи, но дека потребен е политички консензус и одговорност од сите општествени чинители за натамошното спроведување на реформската агенда, се наведува во соопштението од СЕП.

Во таа насока ја истакнаа важноста од натамошните реформи во поглавјата 23 и 24, како и важноста на реформите во судството, независноста на судството, но и борбата против криминалот и корупцијата, за што Владата има политичка волја и капацитет рече вицепремиерот Маричиќ.

На средбата беше разговарано и за досегашните одлични билатерални односи и беа разгледани можностите за унапредување на соработката во различни области, која треба да послужи за забрзување на евроинтеграциите. Во таа насока подетално Маричиќ разговараше за нови унгарски инвестиции, како и за нова иницијатива за инфраструктурен проект, кој ќе го поврзе регионот со Европа, информираат од Секретаријат за европски прашања.