– Тој потфат треба да овозможи да има насекаде низ државата доволно опрема, опременост и подготвеност на кадарот да спроведе онлајн судење таму каде што ќе биде потребно и неопходно, но, исто така и јавноста да може да ги следи судењата без да мора физички да биде присутна, рече Маричиќ.
Тој потенцира дека за да се спроведе планот за дигитализација потреби се и законски измени.
– Ние во Законот за парнична постапка којшто е во Собрание веќе ги направивме тие измени. Во Законот за кривична постапка се работи на тоа. Едноставно целта ни е да имаме брзо и ефикасно судење без бескрајни одлагања и без можности за отстапување или манипулации. Тоа е особено важно во пандемија кога пандемијата и реално е објективна пречка за ефикасна постапка, но исто така се користи понекогаш и за одлагања. Нашата цел е наредната година веќе да ја имаме монтирано опремата низ државата, низ овие 200 судници и секако да ја опремиме и судницата во затворот „Идризово“ што значително би ги намалило трошоците и би ги олеснило судењата барем за скопското подрачје, истакна Маричиќ.
Тој додаде дека во планот за дигитализација е и штипското подрачје, особено апелациските судови и оние основни коишто се со најголем број на предмети ќе бидат опфатени затоа што тоа е најпотребно.
Во однос на испразнетите места во судовите и недостатокот од судии, како на пример Виничкиот суд кој има само еден судија, министерот за правда посочи дека за првостепените судови има само еден начин на избор на судии, а тоа е од оние коишто завршиле Академија за судии и јавни обвинители.
– За избор на судии или обвинители мора да се чека новата генерација, која треба да заврши до јуни или до крајот на идната учебна година и веќе наредната есен, значи во септември – октомври 2022 ќе можат да се избираат тие за судии или јавни обвинители. Се работи за околу 60 кандидати. Дотогаш немаме начин да избираме нови судии. Дотогаш ќе треба со организација на работата во договор со Судскиот совет и апелациските подрачја да се справат судовите со бројот на предмети и со обемот на работа, вели Маричиќ.
Тој е свесен дека треба да се пополнат одредени места за да може подобро да функционираат тие судови, но, вели треба да се почека една година за да може да се изврши соодветен избор од страна на Судскиот совет и Советот на обвинители по завршувањето на академците.
– Во Крива Паланка 12 години нема обвинител, во други места исто така има недоволен број на судии, има еден или ниту еден судија. Свесни сме за тој проблем. Впрочем, мислам дека Судскиот совет сега изврши избор, летово, на шест нови судии од последната генерација академци што останаа сè уште неизбрани и дел од нив се делегирани во Берово, дел од нив се делегирани во Крушево, така што Судскиот совет води грижа за пополнување на овие места, вели Маричиќ.