– Во текот на викендот ќе достигнеме до милион попишани граѓани од теренското попишување. Дополнително, има сериозна бројка и од онлајн попишувањето. Пописот одлично тече на терен и надминати се сите техничи недостатоци кои ги имаше на почетокот. Во соработка со МВР и „Телеком“ одбиени се успешно сите хакерски напади, кои доаѓаат со ИП адреси од странство, изјави министерот Маричиќ во интервју за телевизија Сител, кој додаде дека не може да открие детали, но оти МВР, „Телеком“ и Државниот завод за статистика направиле успешна одбрана на системот за попишување.
Според министерот, како одминува времето, граѓаните стекнале доверба во процесот, кој се изведува брзо и безбедно. Маричиќ ги отфрли информациите на партијата Левица дека пописот масовно се бојкотира во руралните средини. Тој рече дека е добро што и од таа партија има меѓу попишувачите, иако тие тоа го нарекоа инфилтрирање.
– Јас мислам дека тоа е добронамерно учество во системот и тие ја сфатија реалноста дека ова е натпартиска операција и дека е техничко-статистичка операција, којашто е важна за во следните десет години и за политиките на Владата, општините и на сите институции, рече Маричиќ.
Министерот за правда рече дека ова не се избори, па некој да ги признае или не резултатите од пописот, во случај тоа да го стори опозицијата. Тој нагласи дека реална основа за оспорување на податоците од пописот нема.
– Податоците на граѓаните се вкрстуваат со шест седум регистри кои ги имаме по разни основи. Така што, тие податоци се проверуваат дали се кредибилни и точни и минимални се шансите за манипулации оти податоците може лесно да се проверат, нагласи Маричиќ, кој рече дека попишувањето на граѓаните трае околу пет минути.
Во врска со несреќата во тетовската модуларна болница, министерот за правда Маричиќ рече дека Владата многу сериозно ја сфатила работата и уште од првиот ден се работи константно на случајот.
– Истиот ден, како Влада, побаравме помош од најреномираниот германски институт за криминална полиција во Визбаден, кој има 60-годишно реноме, 7.000 вработени, годишен буџет од 800 милиони евра. Се обративме на најдобрите да ни помогнат во една ситуација, која е несекојдневна. Не се случува секој ден да има експлозија во болница и да има толку жртви. Ние длабоко жалиме како Влада и сакаме да се расчисти секоја околност до крај и јасно да се утврди одговорноста, нагласи министерот, додавајќи дека не е добро од ваква несреќа да се извлекува политички поени.