Прашањето на трговијата со луѓе е високо на агендата на Владата, прво затоа што поседувањето ефикасни механизми за спречување и сузбивање на криминалните активности е задолжително за секое демократско општество, а второ, како земја кандидат за членство во ЕУ ја презедовме обврската да спроведеме соодветни мерки и активности за борба, меѓу другото и трговија со луѓе, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Тој денеска во обраќањето пред постдипломците од Правната клиника при Универзитетот Џон Хопкинс рече дека Владата има обезбедено основа за имплементација на Конвенцијата на ОН против транснационалниот организиран криминал со нејзините два протоколи, како и на Конвенцијата на Советот на Европа за активности против трговијата со луѓе, со што, како што посочи, се создава широка законска рамка за борба против трговијата со луѓе, со посебен фокус на децата.

Маричиќ исто така се осврна и на правната рамка на земјава која опфаќа различни аспекти поврзани со превенцијата и борбата против трговијата со луѓе, усогласени со меѓународните стандарди и најдобрите практики на правото на ЕУ, како што е Директивата за спречување и борба против трговијата со луѓе и заштита на нејзините жртви.

-Ако ме прашате дали можеме повеќе, секогаш би рекол да. Секогаш може да се направи повеќе – подобро законодавство, поефикасна превенција и кривично гонење се предизвици не само за нашата земја, туку би рекол дури и во целиот свет. Сепак, верувам дека е направено многу и тоа е потврдено во Извештајот на Стејт Департментот на САД за трговија со луѓе за 2021 година, кој ја рангира Северна Македонија, шеста година по ред, од 2016 година, во групата на ниво 2 (земји чии влади прават значајни напори за усогласување со тие стандарди, посочи вицепремиерот Маричиќ.