Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска оствари билатерална средба со шведската министерка за ЕУ и Нордиска соработка, Јесика Росвал на која разговараа за евроинтегративниот процес, стратешките цели на двете држави и билатералната развојна помош што Кралството Шведска ја дава на Северна Македонија.
Вицепремиерот Маричиќ на средбата посочи дека оваа посета на Росвал, за време на шведското претседавање со Советот на Европската Унија, е од голема политичка важност за нас, укажувајќи дека заложбата на Шведска за проширување на ЕУ е важна и за нашиот напредок во процесот на преговори.
Соговорниците оценија дека Шведска континуирано дава поддршка на европскиот пат на Северна Македонија и има голема улога во напредокот на реформската агенда, но дека сега е најпотребно да се задржи Северна Македонија на европскиот пат.
„Шведска е наш вреден партнер, политички, развоен и финансиски поддржувач на патот кон ЕУ. Постојаната поддршка што Шведска ја дава на нашата држава во евроинтегративниот процес ја докажува важноста на сојузништвото и партнерство меѓу двете земји, посочи Маричиќ на средбата.
Јесика Росвал посочи дека Шведска продолжува да дава континуирана поддршка на европскиот пат на Северна Македонија, преку остварување на целите дефинирани со Стратегијата за реформска соработка 2021-2027 година, но дека останува домашните задачи и обврски кои произлегуваат од преговарачката рамки да ги спроведеме успешно, со заеднички консензус околу прашањето за европската перспектива на земјата. Таа во тој контекст посочи дека политичкиот моментум за проширување на ЕУ треба да се искористи и да се направи нов исчекор кон ЕУ.
На средбата беше разговарано и за модалитетите и насоките на развојната соработка, чија една од главните цели е да ѝ се помогне на Северна Македонија да се приближи до Европската Унија.
Маричиќ се заблагодари на Росвал за шведската поддршка во обезбедувањето финансиска помош за постигнување на реформски резултати во клучни области како владеење на правото, демократски институции, слободни медиуми, економијата и во борба против корупцијата.
Маричиќ со својата колешка од Шведска оствари и тет-а-тет средба на која како што информираат од Секретаријатот за европски прашања било разговаравме за важни теми и процеси кои треба да го придвижат регионот кон ЕУ.
Росвал во рамки на нејзината официјална посета на Скопје ќе се сретне и со претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи, Османи.
Министерката за ЕУ и Нордиска соработка посетата на Скопје ја реализира на покана на вицепремиерот Маричиќ, кој неодамна беше во посета на Кралството Шведска. Од Скопје шведската делегација заминува за Тирана каде министерката Росвал ќе оствари средби со високи државни претставници.