Како одминува годината се поактуелна тема која што ја пласира власта во јавноста се уставните измени. Според власта се очекува процедурата за отворање на Уставот и внесување на бугарското малцинство да почне во првата половина на 2023 година. Се пожестоки стануваат нападите помеѓу власта и опозцијата околу оваа тема.

Имено, неделава во гостување на емисијата на Канал 5 телевизија, Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања истакна дека ниту политички тешкаши како францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц нема да ги разубедат лидерот Христијан Мицкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот под бугарски диктат.

„За мене е незамисливо дека ние самите ќе се блокираме и ќе се паркираме на истото место. Се разбира дека ќе дојдат во Собранието да помогнат. Има интерес од германскиот канцелар и од францускиот претседател да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници“, вели вицепремиерот.

„Класична злоупотреба која доаѓа од неспособен и криминоген политичар. Со самото тоа што грубо ги злоупотребува европските политичари, со лаги и манипулации е најдобар одговор за тоа дали има мнозинство за уставни измени.И европските политичари, и владата го знае ставот на ВМРО-ДПМНЕ, дека овој Парламент нема да прифати уставни измени под бугарски диктат“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на Бојан Маричиќ.

ПАРЛАМЕНТАРНО МНОЗИНСТВО БЕЗ МНОЗИНСТВО

Владиното мнозинство е разнишано околу уставните измени. Имено, одредени коалициони партнери најавија преку медиумите дека нема да гласаат за уставните измени по бугарски диктат.

Изминатата недела претседателот на Демократскиот сојуз во гостување во емисијата „Само вистина“ одговарајќи на прашањето дали би гласал за уставните измени за влез на Бугарите во македонскиот Устав, рече дека нема да поддржи и со тоа практично нема да гласа.

Изјавата на претседателот на Демократски сојуз јасно посочува дека Владата не само што нема мнозинство за уставни измени како што ветуваше премиерот Димитар Ковачевски, туку го губи и своето.

Павле Трајанов не гласаше ниту за заклучоците од францускиот предлог заедно со пратеникот Диме Велковски од СДСМ. А, тоа е уште една потврда дека во власта проблемите околу прашањето со Бугарија се подлабоки отколку што се преставуваат во јавноста.

Во своето гостување во емисија на Канал 5 телевизија вицепремиерот за европски прашања призна дека власта не мнозинство за изгласување на уставни измени.

„Уставните измени не се случуваат од денес за утре и во моментот кога ќе се искреира платформа што може да добие поддршка од 80 пратеници, ќе почне процедурата во Собрание за промена на Уставот“, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, потврдувајќи дека Владата во моментов нема обезбедено такво мнозинство, а најавувајќи дека очекува тоа да се случи во првата половина наредната година.

ОПОЗИЦИЈАТА ВО БОРБА ЗА ОДБРАНА НА УСТАВОТ

Власта додека со тешки маки ја убедува јавноста за уставни измени, опозицијата стои цврсто на ставот дека уставните измени нема ништо добро да донесат на Македонија. За возврат Македонија нема ништо да добие од Бугарија.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски власта стана измеќар на секого освен за своите граѓани.

„Јасно и гласно сме кажале, јасно и гласно сме повториле – нема хотел пратеници како што тоа го кажа пред некој ден Пендаровски, коишто биле убедувани во еден хотел недалеку од овде. Сега имаме пратеници коишто цврсто стојат на својот став, и тие нема да дозволат промена на Уставот. И да ја затвориме таа тема. И ајде од утре да зборуваме за темата за која јас сакам да зборувам, а тоа е час поскоро формирање техничка Влада и најдоцна до пролет да одиме на предвремени парламентарни избори. Не треба да се плашите, ако народот ви верува во ова што го работите, ако народот ви верува, тогаш нема зошто да се плашите. Охрабрете се, излезете на предвремени парламентарни избори, па народот нека каже кој треба да ја води Македонија и чија политика ќе ја победи другата политика”, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на конференцијата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ на 20 ноември.

„Факт е дека Владата нема мнозинство за уставни измени, и тоа е најголемата грешка на СДСМ и на ДУИ, затоа што прифатија работи што не може да се прифатат и не може да зборуваат за тоа во името на две третини пратеници од Собранието, кои ги немаат. Нашиот став и ставот на нашите коалициски партнери е јасен, ние нема да поддржиме промена на Уставот под овие услови, и тоа е факт. И најголем доказ дека власта го нема потребното мнозинство е тоа што не е доставен предлогот во Собранието. Тоа јасно покажува дека уставните измени немаат поддршка“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во интервју дадено за vecer.press.