Според членот на ВМРО-ДПМНЕ кој бил поранешен амбасадор во Софија, луѓето за „27 април“ се направично осудени. Ѓорчев направи паралела со КЗ и Законот за амнестија и изрази поддршка за овие луѓе.

Не знам колку плутократија може да биде демократија. Таму владејат богатите. Но, големите земји се влијателни. И точно е тоа што го вели амбасадорката на САД Анџела Агелер дека процесот на донесување на Закон за амнестија треба да биде транспарентен. Јас не верувам дека овој закон се носи за да се испразнат затворите и да се ресоцијализираат затворениците. Мене овој закон ми личи на селективен, како оној во 2018 година, кои беа амнестирани за да се изгласа Преспанскиот договор со Грција. Мислам дека овој закон треба да биде добро објаснет, јас мислам дека има и други модели да се реши состојбата со затворите преку системот на пробација и системот на алки, потоа општокорисната работа, но за тоа е потребна политичка дебата на сите чинители. А точно е дека условите во затворите ни се ужасни за што говорат и сите досегашни извештаи од ЕУ, вели Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Софија во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.

– Жално е што политиката се меша преку вакви некои работи. Политичарите треба да ја почитуваат волјата на својот народ, а народот е против уставни измени како што беше против Преспанскиот договор. Освен тоа, случајот 27 април не требаше да се квалификува како тероризам оти тоа дело беше предизвикано од нелегалниот избор на Талат Џафери за претседател на Собранието. Впрочем, тој до ден денес не го извади во јавност записникот дека бил изгласан со доволен број гласови, вели Ѓорчев.

Тој додава дека луѓето во случајот „27 април“ се неправично судени. Ѓорчев вели дека требаше детално да се разгледаат и измените на Кривичниот законик како и Законот за амнестија. Според него, измените на КЗ беа донесени накарадно без да бидат потпишани ни министерот ни комисијата надлежна за разгледување на предлог законот.