Да и се даде шанса на новата Влада предводена од Димитар Ковачевски, во првите шест месеци да покаже резултати во делот на успешно менаџирање со енергетската, здравствената и економска криза. Тоа е доволен период граѓаните да препознаат дали се работи за успешен тим, смета д-р Ѓулистана Марковска, политичар и пратеник во првиот парламентарен состав на Македонија.
Вели апсолутна лудост во ова време е целата енергија да се насочи кон решавање на проблемот со Бугарија, за кој Ковачевски вели дека ќе се решава постепено, во “од“.

Лидер: Што очекувате од новиот мандатар Димитар Ковечевски и од составот на новата влада? Дали тој ќе ги исполни ветувањата дека новиот владин состав ќе биде ориентиран кон економијата, заштитата на здравјето, продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија?

– Основната поента што јас ја разбрав е дека се поголемо внимание ќе се обрне пред се на внатрешните проблеми на Македонија, т.е на економската криза во којашто е и светот но и ние, повеќе ќе се обрне внимание на менаџментот на истата криза, енергетската криза и на она што значи здравствено менаџирање на пандемијата со ковид.
Сакам да верувам бидејќи сепак се работи за нов човек, условно речено, неистрошено име во политиката коешто влегува како ново свежо лице без никаков багаж, дека тие остварувања ќе бидат реализирани во првите 6 месеци. Заради тоа што сепак господинот Ковачевски зад себе има и искуство и во приватната сфера одосно работел во приватна сфера во доменот на приватното стопанство, и тоа за мене е чекор напред бидејќи знае како тешко се заработуваат парите, колку лесно се трошат и колку е тешко да се живее ако истите ги немаме!
Она што исто така ми ја обрна посебно внимание е тоа дека надворешните проблеми ќе се рашаваат во од, меѓутоа целокупниот проблем во смисла на решавање на проблемот со Бугарија нема да биде ставен на прво место и комплетно акцентиран, што мислам дека е добра политика. Затоа што целокупната енергија да се троши на едно прашање кое е тешко решливо, апсолутно, во овој момент е лудост!
Ќе се реши кога и другите ќе сакаат да го решат, односно во моментот кога ќе се исполнат условите што Македонија ги бара, а тоа е ненавлегување во нашиот идентит и неменувањето на јазикот. Односно се она што го поставува како услов Бугарија да биде ставено “ад акта“ особено историјата бидејќи живееме во 21 век.

Лидер: Како ќе функционира новата колаициска Влада со ДУИ и Алтернатива?

-Владата бидејќи е коалциона се разбира дека ќе има некакви проблеми кои што вообичаено се јавуваат кај коалиционите Влади. Меѓутоа бидејќи сепак имаме добар дел на нови лица, речиси една третина е променета особено во делот на СДСМ, па еве и на Алтернатива, мислам дека треба да им дадеме шанса во првите 6 месци. И тоа сигурно ќе биде конечен одговор кој што граѓаните го очекуваат од една власт. Повеќе од 6 месеци е многу!, вели Марковска за Лидер.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска ќе му го врачи мандатот за состав на новата влада на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Димитар Ковачевски.
Одлуката новиот лидер на СДСМ да биде мандатар за состав на влада беше донесена во понеделникот на седницата на Централниот одбор на оваа најголема партија од владејачката коалиција.
Ковачевски на чело на Владата ќе го замени поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој поднесе оставка од премиерската функција и претседател на партијата поради поразот на октомвриските локални избори од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Според Уставот, Ковачевски има рок од 20 дена од добивањето на мандатот да ја достави до Собранието програмата за работа и составот на новата влада.