ЕУ го забрзува проширувањето, Планот за раст со видливи придобивки
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денеска на прес-конференција испрати силна порака за геополитичката реалност и новата динамика на проширување на Европската Унија. Таа подвлече дека е неопходно градење на силна Европа која самата ја одредува својата иднина, и во тој контекст ги вклучи и земјите од Западен Балкан како суштински партнери во процесот.
„Геополитиката веќе се промени. Вистински гледаме волја за проширување во главните градови на Европската Унија. Потребна е обединета Европа што ќе ја контролира својата судбина, затоа сите Европејци, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан, мора да работат заедно“, порача Кос.
Таа се осврна на значењето на Планот за раст, кој, според неа, веќе носи конкретни социо-економски бенефити за граѓаните на Македонија и регионот.
„Тоа е ваша обврска – да го примените планот за доброто на вашите граѓани и компаниите. Тој е централен дел од она што го нарекуваме забрзана интеграција. Целта е регионот да се вклучи во единствениот пазар на ЕУ, како и во заедничките политики за безбедност, одбрана и подготвеност, пред да се добие формално членство“, нагласи Кос.
Мицкоски: Западен Балкан е витален дел од европската сегашност и суштински за нејзината иднина
Според неа, разликата оваа година е фокусот на реална имплементација, наместо само на декларации.
„Минатиот самит зборувавме за планови, сега сме во фаза на спроведување. Ова е првиот Самит кој целосно се однесуваше на имплементацијата. Резултатите се тука – 75 отсто од договорените реформи се веќе спроведени или се во тек. Но, една четвртина сѐ уште не се ни започнати. Ги повикувам лидерите итно да ја забрзаат реализацијата“, рече еврокомесарката.
„Трагедијата во Кочани нѐ потсети што е навистина важно“
Во вториот дел од нејзиното обраќање, Кос ја истакна солидарноста и поддршката од ЕУ кон Македонија по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.
„Вашата држава сѐ уште закрепнува од страшната трагедија што се случи во Кочани. Изразувам длабоко сочувство до сите семејства и роднини на настраданите и повредените“, изјави Кос.
„Вакви моменти нѐ потсетуваат што е навистина важно во животот – тоа се семејството, пријателите, заедницата. Луѓето кои помагаат, солидарноста на дело. Многу Европејци беа покрај вас во последниве месеци“, додаде таа.
Кос објави и дека лично ќе ги посети повредените во Кочани, како знак на поддршка и емпатија од Европската Унија.