Основачот на „Тесла“, Илон Маск ја презеде социјалната мрежа Твитер за 44 милијарди долари, јавија дел од светските медиуми.
Милијардерот на социјалната мрежа напиша дека „птицата е ослободена“.
Маск веднаш ги отпушти шефот на социјалната мрежа, Параг Агравал и уште двајца извршни директори, финансискиот директор Нед Сигал и одговорната за правни прашања Виџаја Гаде, пишуваат дел од американските медиуми.
Твитер не ги потврди овие информации.
Милијардерот имаше рок до денеска да го заврши купувањето на Твитер. Инаку, судењето ќе беше одржано во ноември.
Твитер започна процес против шефот на „Тесла“ за да го принуди да ја купи социјалната мрежа согласно со договорот за преземање, потпишан во април.