Илјадници луѓе излегоа на улиците во чешката престолнина Прага, барајќи зачувување на медиумските слободи. Граѓаните остро се спротивставија на владиниот план за промена на моделот на финансирање на чешката јавна телевизија. Протестниот собир беше координиран од граѓанската иницијатива „Милион моменти за демократија“.
Собраните демонстранти во центарот на градот носеа транспаренти со пораки како „Запрете ја владината ароганција и деструкција“ и „Не сакаме назад цензура“. Овој масовен протест уследи по низата помали собири што изминатите денови се одржаа во Прага, Брно и во други поголеми чешки градови.
Владата на Бабиш планира целосно укинување на телевизиската такса, со што јавниот радиодифузен сервис во иднина би се финансирал директно од државниот буџет. Предлог-законот предвидува и намалување на буџетските средства за повеќе од 15 проценти, мерка што предизвика сериозна загриженост кај граѓанскиот сектор за идната уредувачка и професионална независност на јавните радиодифузери.
Законските измени веќе го поминаа првото читање во Долниот дом на парламентот, односно Претставничкиот дом, за време на седница која се одвиваше во текот на ноќта. Ваквата постапка наиде на јавна осуда од институционалните претставници.
Претседателот Павел го критикуваше ваквиот начин на носење на законот, нагласувајќи дека брзањето и ноќните дебати за време на викендот оставаат сомнеж врз намерите на власта.
„Одлуката за дебата за законот ноќе за време на викендот ја поткопува вербата во добрите намери на неговите застапници“, нагласи Павел.
Павел подвлече дека јавниот радиодифузен сервис претставува клучен столб на демократијата и побара пред какви било коренити реформи да се отвори широка дебата меѓу стручната јавност и граѓаните.
