Иранската полиција употреби солзавец и предупредувачки истрели за да ги растера демонстрантите во југозападниот град Абадан, каде се урна зграда, при што загинаа 28 лица, објавија денеска локалните медиуми.

Голем дел од 10-катната зграда во изградба во Абадан, провинцијата Хузестан, се урна во понеделникот во една од најсмртоносните несреќи во Иран во изминатите години.

Тоа беше трета ноќ на протести во Абадан и други градови во провинцијата што граничи со Ирак, објавија локалните медиуми. Безбедносните сили во Абадан синоќа „употребија солзавец и пукаа во воздух во близина на местото на несреќата” за да ги растераат стотиците демонстранти кои тагуваа поради загинатите и бараа сторителите да бидат изведени пред лицетот на правдата. Голем број луѓе извикуваа „смрт на неспособните службеници” и „неспособните службненици треба да бидат егзекутирани”, слично на повиците од протестите во средата и четвртокот.

Луѓето, исто така, излегоа на улиците во пооддалечените градови како Исфахан, Јазд и Шахин Шахр во централниот дел на Иран за да им изразат сочувство на жртвите од трагедијата

Во четвртокот вечерта, продавница во Абадан на семејството на сопственикот на зградата „беше запалена и уништена од непознати лица”.

Министерот за внатрешни работи Ахмад Вахиди, кој се наоѓа во Абадан, изјави денеска дека „уште две тела се пронајдени” и испратени на идентификација, со што бројот на загинати достигна 28, според државната новинска агенција ИРНА. Сепак, властите не соопштија колку луѓе се уште се блокирани под урнатините.

Зголемен е и бројот на осомничени. Судските власти соопштија дека 13 лица веќе се уапсени поради инцидентот, меѓу кои и градоначалникот и двајца поранешни градоначалници, објави ИРНА.