Сериозната здравствена криза предизвикана од масовно труење со олово во општина Вареш, Босна и Херцеговина, продолжува да се продлабочува. Најновите резултати од тестирањата на над 100 жители покажуваат дека изложеноста на тешки метали е многу поширока од првичните проценки, објави N1 БиХ.
Овојпат, присуство на олово во крвта е утврдено не само кај жителите од населбите Пржиќи и Даштанско, кои се наоѓаат во близина на депонијата на рудникот ДПМ Метали, туку и кај граѓани кои живеат во самиот центар на Вареш.
Претходните тестирања, спроведени во декември минатата година, покажаа дека сите 44 тестирани лица од различни возрасни групи имале присуство на олово во крвта. Во меѓувреме, дополнителни девет лица се тестирале приватно, а нивните резултати ги потврдиле истите загрижувачки наоди.
Особено алармантен е податокот дека олово е детектирано и кај пет деца помлади од шест години. Последните анализи укажуваат дека кај дел од испитаните лица концентрациите на олово во крвта се екстремно високи, во некои случаи десетици, па дури и стотици пати над референтните вредности.
„Присуството на олово во крвта претставува исклучително сложен здравствен проблем бидејќи човечкото тело нема физиолошка потреба од олово. Современата медицина се залага за ставот дека не постои ‘безбедна’ доза на олово во телото“, истакнуваат експертите од Институтот за здравје и безбедност на храната Зеница.
И покрај сериозноста на состојбата, властите на Зеничко-добојскиот кантон и на Федерацијата на Босна и Херцеговина сè уште немаат јасен одговор за кризата во Вареш. Иако, според наводите, се исполнети условите, вонредна состојба досега не е прогласена.
Дополнително, не е познато дали Обвинителството на Зеничко-добојскиот кантон започнало истрага за труењето, се наведува во текстот на здружението „Фојничани Маглај“.
Во исто време, и покрај противењето на локалните заедници и граѓанското општество, кантоналните власти продолжуваат да даваат поддршка за нови рударски проекти во Вареш, меѓу кои и планираното рударство на хром во сливот на реката Криваја.
