Македонското карате обезбеди уште еден медал на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори (У21), кое од 6 до 8 февруари 2026 година се одржува во Лимасол, Кипар.

Во категоријата до 67 килограми во конкуренција У21, Матеј Белистојаноски избори пласман во финалето, со што на Македонија ѝ донесе најмалку сребрен медал, а ќе се бори и за златото.

Белистојаноски имаше импресивен настап низ елиминациските борби. На стартот убедливо го совлада Микита Бахамолетс (ВКФ-2) со 9:1, потоа беше подобар од Албанецот Ригерс Рами со 5:1, а следуваа победи над Џо Галагер од Шкотска (4:1) и Амине Еја од Белгија (5:4).

Во полуфиналето, македонскиот репрезентативец славеше против Назарии Праничук од Украина со 5:4 и обезбеди место во големото финале. За златниот медал ќе се соочи со Георгиос Балиотис од Грција, кој во другото полуфинале го совлада Италијанецот Фабрицио Џордано со 5:2.

На првенството со Белистојаноски е и селекторот Петар Белистојаноски.

Претходно, Македонија веќе обезбеди уште еден медал, откако Немања Младеновиќ кај кадетите во категоријата над 70 килограми избори најмалку сребро, што го потврдува одличниот настап на македонската карате-репрезентација на шампионатот во Кипар.