Минато полно со афери и прашања за СДС

Членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска откри дека поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, бил фатен на граничниот премин Ново Село со 20 илјади евра за кои немал законско покритие.

Манасиевски истакна дека ова не е прв инцидент поврзан со Рашковски, кој како блиски соработник на Заев и Филипче, веќе бил вклучен во скандали и корупциски случаи.

„За Рашковски и СДС не е изненадување да бидат дел од криминални активности. Треба да се потсетиме на неговото минато како генерален секретар, кога беше обвинет и осуден за случајот „Софтвери“, набавувајќи софтвери за кои немаше побарување, што ја оштети државата за над 18 милиони денари“, рече Манасиевски.

Тој додаде дека Рашковски исто така беше осуден за перење пари, овозможувајќи четири компании да стекнат нелегитимна добивка од околу 17 милиони денари.

Манасиевски го повика СДС да се огради од Рашковски и да почне со реформа на партијата, прашувајќи дали парите со кои бил фатен на граница се поврзани со претходните афери.

„СДС е синоним за неспособност, криминал и корупција. Ги повикуваме Јавното обвинителство да преземе конкретни мерки и да отвори случај, наместо да ги штити своите пулени“, додаде тој.