Изборен испит за над 15 илјади ученици – англискиот јазик најзастапен
Денес матурантите ширум земјата се соочуваат со вториот надворешен испит од државната матура – изборен предмет по нивен избор. Според Државниот испитен центар (ДИЦ), најголем интерес годинава има за англиски јазик. Се пријавиле дури 13.457 ученици го одбрале овој предмет за полагање.
Други популарни избори се математиката со 1.246 пријавени, германски јазик со 73 ученици, француски јазик со 24, и естетика со 62 пријави. Значително помал интерес има за филозофија (7 кандидати), руски јазик (4), и италијански јазик (3 ученици).
Намалено препишување, зголемени мерки за контрола
Првиот задолжителен испит, мајчин јазик и литература, веќе се одржа на 31 мај. Најголем дел од учениците, 9.969, го полагаа македонскиот јазик, 4.339 албански, 292 турски, а 10 ученици го полагаа српскиот јазик.
Министерката за образование, Весна Јаневска, соопшти дека годинава значително е намален бројот на ученици отстранети поради препишување:
„Процесот сѐ уште не е комплетиран, но бројот на ученици што препишувале е значајно намален. Со оглед на тоа колку беа отстранети минатата година, сметам дека има напредок и очекувам секоја година тоа да биде сѐ подобро и подобро“, изјави министерката Јаневска.
Таа упати апел до надзорниците „да не замижуваат пред неправилности“, а до матурантите да не ризикуваат:
„Да го излажат системот значи да ризикуваат цела година од животот – да влезат на пазарот на трудот или да го продолжат образованието“, додаде Јаневска.
Надзор од 2.000 лица, полагање и во факултетски амфитеатри
Испитниот процес го надгледуваат околу 2.000 ангажирани надзорници, а испитите се организираат во училиштата кои ги исполнуваат условите од Правилникот за државна матура. За учениците чии училишта не ги исполнуваат условите, испитот се одржува во факултетски амфитеатри.
Вкупно за матурата годинава се пријавени 15.004 ученици, од кои 8.816 се од средни стручни училишта, 5.966 од гимназии и 222 од уметнички училишта.
Августовска сесија за оние што нема да положат
Матурантите кои нема да ја положат државната матура во јуни или немаат комплетирана испитна обврска, ќе имаат втора шанса во август. Испитот по мајчин јазик и литература ќе се одржи на 12 август, а изборниот надворешен испит на 14 август.