Матурантите кои не ја положија во јуни го полагаат првиот задолжителен испит

Матурантите кои не ја положија државната матура во јуни денеска го полагаат првиот задолжителен екстерен испит, мајчин јазик и литература. Испитот се одржува во рамки на августовската испитна сесија, организирана за учениците со право на повторно полагање.

Вториот, изборен екстерен испит е закажан за 14 август, четврток. Овие два термина се последната можност за полагање во рамки на тековната учебна година.

Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за двата испитни дена се пријавени вкупно 1 118 ученици.

Денеска тестот по мајчин јазик ќе го полагаат:

  -352 ученици – македонски јазик,

  -225 ученици – албански јазик,

  -девет кандидати – турски јазик.

За полагањето задутре се пријавени:

  -779 ученици – англиски јазик,

  -еден ученик – француски јазик,

  -двајца – германски јазик,

  -27 ученици – математика,

  -еден матурант – естетика.

Испитите ќе се одржат на факултетите

Од гимназиско образование ќе полагаат 265 ученици. Од средно стручно образование се пријавени 835 кандидати, а од средно уметничко образование 18 матуранти.

Испитите во августовскиот рок се одржуваат во простории на факултетите.

Резултати и причини за повторно полагање

Министерството за образование и наука (МОН) и ДИЦ минатата недела ги соопштија резултатите од државната матура во јуни. Според официјалните податоци, тие се подобри од резултатите од минатата учебна година.

Просечната оценка од полагањето на двата екстерни испита во јуниската сесија изнесува 3,69. Овој резултат е повисок во споредба со минатата година, кога средната оценка беше 3,26.

Поголем успех е постигнат кај мајчините јазици и кај други предмети. Особено е забележано подобрување по математика, каде средната оценка е 4,14.

Во јуни за државната матура беа пријавени 15 004 ученици. Поради обиди за препишување, користење на електронски уреди и други неправилности, поништени биле тестовите на 172 ученици.

Тие ученици сега имаат можност повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.