Четириесетгодишен жител на пробиштипското село Добрево се здобил со прострелна рана откако се застрелал додека ја чистел ловечката пушка, по што со Итна медицинска помош бил префрлен во болницата во Пробиштип, а потоа и во Скопје.
„На 02.04.2026 околу 16:00 часот во ПС Пробиштип од Итната медицинска помош при ЈЗУ ‘Нада Михајлова’ во Пробиштип известиле дека кај нив е пријавено дека во семејниот дом В.Н. го пронашол својот син М.Н.(40) од с. Добрево, пробиштипско, со прострелна рана“, соопшти МВР.
Според полицијата, по извршен увид и разговори со таткото и братот на повредениот, било утврдено дека тој истиот ден на место викано „Чукар“, во атарот на селото Марчино, сам си нанел прострелна рана со ловечка пушка додека го чистел оружјето.
„М.Н. е пренесен во Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје за понатамошно лекување. Од лице место е подигната ловечка пушка и патрони“, наведуваат од МВР.
За настанот е известено Јавното обвинителство Штип и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
