Македонско друштво „Илинден” – Тирана синоќа реагираше во врска со најавената посета на бугарската потпретседателка Јотова и „повеќето антимакедонски активности”.
– Најостро ја осудуваме антимакедонската дводневна посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Република Албанија, заедно со бугарски универзитетски професори и академици, во пресрет на пописот на населението во Република Албанија, стои во реакцијата.
Се додава дека Програмата на акцијата „Бугари во Албанија“ предвидува отворање на „неделно училиште на бугарски јазик во Елбасан“, потоа во Тирана промоција на книгата на Спас Тошев “Бугарите во Албанија“, а во селото Големо Острени, Голо Брдо неделно училиште на бугарски јазик.
-На ваквите бугарски активности остро реагираат Македонците во Голо Брдо и Елбасан, како и цела Република Албанија. Според реакциите на жителите на село Големо Острени и цела област Голо Брдо, се скрнави и историската вистина дека во мугрите на 4 март 1916 година, токму бугарските војски за време на бугарската окупација на Голо Брдо, ги заробиле Елез Кочи и Ќазим Дука од селото Големо Острени и после брутално мачење живи ги закопале во близина на реката во село Верница, областа Голо Брдо. Кога се има предвид дека Јотова во Големо Острени училиштето се вика Елез Кочи, крвнички убиен од бугарските крвници, јасна е пораката дека Бугарите сакаат да им порачаат на младите генерации Македонци од Голо Брдо дека тие треба да си ја заборават историјата и жртвите од бугарските ѕверства. Ваквата постапка според Македонците во Голо Брдо, е недозволива и не смее да се повтори, посочува друштвото.
Македонско друштво “Илинден“-Тирана како претставник на Македонците од Република Албанија се солидаризира со бројните реакции на македонското население во Голо Брдо.
Воедно, смета за потребно на светската јавност да ѝ ја пренесе пораката на Македонците од Голо Брдо во која јасно се отсликува македонското чувство на Македонците од Голо Брдо, од кои во неколку наврати беше барано да се произнесе како бугарско.
-Македонците во Република Албанија говорат дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари! Меѓутоа, ниту тоа јасно декларирање на Македонците во Република Албанија, не ја запре крајно подлата намера на Бугарија да ја замајува светската јавност дека Македонците во Република Албанија се Бугари, се нагласува во реакцијата.
Понатаму се наведува дека промоцијата на акцијата „Бугари во Албанија“ има за цел да се извртува вистината и македонското население во Република Албанија да се прикаже како бугарско.
-Секако, ваквата акција е потребна за Бугарите да можат пред членките на Европската унија да ги оправдаат своите асимилаторски акции во Република Албанија, кои се апсолутно неприфатливи како однесување за една членка на демократската унија. Од друга страна, ваквата „посета“ на високи бугарски претставници на Република Албанија треба да ги „потсети“ албанските власти дека на претстојниот попис во државата, треба да го зголемат бројот на Бугарите во однос на минатиот попис, на кој немаше ниту еден самодеклариран Бугарин во Република Албанија, додава друштвото во реакцијата.
Оценува дека „Уцената на Бугарите кон албанската Влада се однесуваат на пристапувањето на Република Албанија кон Европската унија, преку грбот на Македонците, во Република Албанија”.
-Таквите насилнички делувања на бугарската политичка елита насочени кон асимилација на Македонците во Албанија однапред се осудени на пропаст бидејќи Македонците со присила нема да се пишуваат Бугари. Македонско друштво „Илинден” – Тирана повторува дека етнички Бугари во Република Албанија нема, ниту имало, ниту ќе има, констатира во реакцијата друштвото “Илинден”.
На истата потпишани се Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото, Фатри Фетаху претседател на огранокот за Голо Брдо и Елса Џелили, Координатор за Округот Елбасан.