Македонското друштво „Илинден“ од Тирана остро реагираше на, како што наведува, злоупотребата на Бугарија и негирањето на македонскиот јазик и идентитет, особено во контекст на последниот Извештај на Европскиот парламент за Македонија, од кој беше отстранета формулацијата „македонски јазик“.
– Најостро ја осудуваме злоупотребата на Софија која со децении пласира дискриминаторски и расистички барања за непостоење на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Отстранувањето на македонскиот идентитет и јазик од Извештајот на Европскиот парламент за Македонија испраќа опасна порака дека идентитетот е предмет на преговори за пристапување во ЕУ, стои во реакцијата на друштвото.
Според нив, овој потег го легитимира притисокот на Бугарија врз држава-кандидат за членство во ЕУ, и испраќа сигнал дека Европската унија толерира политики што ги кршат нејзините основни вредности.
– Ова е легитимирање на злоупотребата на Бугарија за вршење притисок врз држава-кандидат и сигнализира толеранција кон политиките што ги кршат основните европски вредности – се наведува во реакцијата.
Од Македонското друштво „Илинден“-Тирана потсетуваат дека македонскиот јазик и идентитет се историски факти, и порачуваат дека на Македонците не им е потребно ничие одобрение за да се изјаснат кои се и што се.
– Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се историски факт и дека нам, како Македонци, не ни треба одобрение од други држави за да се изјасниме што сме и кои сме – стои во пораката на друштвото.