Кафеава мечка била забележана на паркинг во селото Ростуше, каде што е снимена како се движи меѓу паркирани возила, пред да се повлече.
На видеоснимка објавена на социјалните мрежи се гледа како животното се шета покрај автомобилите, а откако кучиња почнуваат да лаат, се оддалечува од местото.
Од Националниот парк „Маврово“ информираат дека се преземени соодветни мерки по појавата.
„Веќе ги имаме информирано соодветните министерства – за земјоделство, шумарство и водостопанство, за животна средина, како и за внатрешни работи. Досега нема пријава на штета предизвикана од мечки“, вели директорот Харис Ибраими во изјава за МИА.
Според него, на територијата на паркот има над 180 единки.
Станува збор за прв ваков случај во последните месеци, по период кога мечки во повеќе наврати беа забележувани во села во западните делови на земјата.
