Меџити и Османи во отворен дуел за Чаир и европската агенда

Првиот вицепремиер и кандидат на „Вреди“ за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, остро му реплицираше на Бујар Османи, наведувајќи дека „знае дека лаже“. Тој јавно го покани Османи на телевизиска дебата „каде и кога сака“, за да се разјаснат прашањата околу Александар Вулин и други отворени теми од времето на Никола Груевски. Меџити потенцираше дека станува збор за локални избори, локални проблеми и решенија, а не за дуел со премиерот Христијан Мицкоски.

Османи: Главната дебата е со Мицкоски

Кандидатот на ДУИ за Чаир, Бујар Османи, пак, оцени дека клучната дебата не треба да се води со посредници, туку со Христијан Мицкоски, кој, како што рече, стои зад „политичкиот експеримент Вреди“. Османи нагласи дека не бега од дебати, но дека со Мицкоски сака да разговара за европската перспектива, за демонтирањето на Охридскиот договор и за, како што тврди, исклучувањето на Албанците од институциите.

Европската перспектива и „српскиот свет“

Османи во обраќањето допре и до пошироките теми, посочувајќи дека земјата мора да избере меѓу ЕУ и таканаречениот „српски свет“. Според него, секој чекор кон Европа претставува оттргнување од тој паралелен систем, кој, како што рече, ја саботира европската агенда. Тој потсети на атентатот врз Киро Глигоров, како и на отпорите при секој обид за договор со соседите, тврдејќи дека тие биле дел од истата логика на спротивставување на европскиот пат.