Меџити најави дека ВРЕДИ ќе има кандидат за Скопје, за Чаир и поддршка за Ќира во Струга

Кандидат за Скопје, кандидат за Општина Чаир, како и поддршка за независниот Менди Ќира во Струга, најави ВРЕДИ.

Името на кандидатот за Град Скопје, како и имињата за останатите општини, ќе бидат објавени наредната недела.

Ова денеска го изјави вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

„Ќе имаме кандидат за градоначалник на Скопје. Ќе имаме и кандидат за Чаир. Во Струга го поддржуваме Ќира. Наредната недела ќе ги објавиме сите имиња“, рече Меџити.

На новинарско прашање дали токму тој ќе биде кандидат за Чаир, Меџити кусо одговори: „Ќе бидат официјализирани сите кандидатури.“

Во однос на евентуалната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, тој рече дека тоа не би било ништо ново.

„Ништо ново. Од деведесеттите до сега во плурализмот секогаш владините партнери се помагале и ќе се помагаат. Како што и опозициските партнери – ДУИ, Левица, СДСМ – очекувам дека ќе се помагаат“, изјави Меџити.

Тој ова го изјави по потпишувањето на договорите за нови проекти. Станува збор за проекти за канализација, водовод и води, финансирани преку инвестициските програми на Министерството за животна средина. Договорите се потпишани со повеќе општини низ државата.