Министерот Меџити најави зајакнат мониторинг на загадувањето со воведување на нова опрема, технологии и дополнителни аналитички методи
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, за време на посетата на Централната лабораторија на Министерството, најави зајакнат мониторинг на загадувањето на воздухот преку воведување нова опрема и современи технологии.
Опрема вредна 160.000 евра за анализа на тешки метали
Од Министерството информираат дека лабораторијата е опремена со напреден инструмент ICP-MS, вреден 160.000 евра, финансиран од УНОПС. Овој уред овозможува прецизна анализа на тешки метали во почва, вода и воздух. Дополнително, успешно е завршен процесот на реакредитација, со кој лабораторијата доби нова четиригодишна акредитација. Таа вклучува 20 аналитички методи, меѓу кои мерење на бучава во животната средина и анализа на отпадни води.
Меџити: Проектот ‘ЕУ за чист воздух’ носи современа технологија
„Во рамки на проектот ‘ЕУ за чист воздух’, лабораторијата е опремена со напреден уред ICP-MS, вреден 160.000 евра, финансиран од УНОПС, кој овозможува прецизна анализа на тешки метали во почва, вода и воздух“, изјави Меџити.
Министерот нагласи дека инсталацијата на опремата и обуката на персоналот се планирани за септември. Тој го оцени овој процес како клучен чекор за унапредување на техничките капацитети и обезбедување поквалитетни и поточни еколошки податоци.
Меџити додаде дека во наредниот период лабораторијата ќе добие акредитација за нови методи. Со што дополнително ќе се зајакнат нејзините аналитички и технички капацитети.
Централната лабораторија како клучен столб во еколошкиот систем
Централната лабораторија на Министерството за животна средина и просторно планирање е клучна институција во системот за заштита и управување со животната средина во земјата. Таа функционира како техничко и научно тело за исполнување на законските и стратешките задачи за мониторинг на загадувањето и заштита на еколошките компоненти.