Затоа е важно да се пласираат информации од проверени извори, да се прави разлика меѓу позната вистина и вистина во која се верува и одговорно да се известува за потенцијалните несакани ефекти од вакцините.

Ова беа клучните пораки од денешната онлајн сесија со новинарите организирана од Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа и Канцеларијата на СЗО во  Македонија, во соработка со НВО Инфоцентарот.

Техничкиот службеник за комуникација за ризици и соработка со заедницата од Регионална канцеларија на СЗО за Европа, Олха Изхик на сесијата порача дека медиумите се важен партнер кој има клучна улога во споделување на информации кои може да бидат пресудни меѓу живот и смрт и се клучни актери во системот на јавно здравје кои помагаат да се заштити здравјето.

-На почеток на пандемија кога се појави вирусот во само некои делови од светот, ризиците за заболување беа многу ниски, но перцепцијата кај луѓето беше голема и имаше голема несигурност. Сега, ризиците се повисоки во речиси сите делови од светот, но забележуваме дека луѓето се уморни од пандемија и од мерките, тие се поопуштени, рече Изхик.

Таа додаде дека е потребно медиумите секогаш да се прашуваат за можните последици од сторијата што ќе биде пласирана до јавноста, односно како таа ќе влијае врз перцепцијата на луѓето.

-Преплавени сме од иформации и вистински и лажни. Имаме цел океан информации и тешко е да разберме, односно да одлучиме во која информација да веруваме.

Исто така, како што додаде, од исклучителна важност е новинарот внимателно да го избира соговорникот, дали станува збор за експерт и дали е стручен за темата за која ќе се зборува. Потребно е да се упати вистинско прашање на вистинската личност. Соговорникот треба да е стручен за темата, а не само да има свое мислење за таа тема.

Како што посочи, Регионална канцеларија на СЗО за Европа се обидува да обезбеди што е можно повеќе информации, имаат и регионални канцеларии со нивни информации приспособени на регионални услови, а колегите во локални канцеларии се достапни за новинарите.

Неговата стручност треба да е релевантна бидејќи треба да го има специфичното знаење што е потребно за да се даде одговор. Важно е да не постои судир на интереси, и секогаш да се прашува од каде се тие информации на соговорникот.

Потребно е да се прави разлика меѓу факт и она во што веруваат луѓето, но и да се избегнуваат апсолутни ставови, поточно да се има в предвид фактот дека не е баш се извесно во науката.

Да се избегнува сензационализам и контроверзи. Сега, според Изхик, е време за глобална солидарност.

Ихор Перехинетс, технички советник за здравствена сигурност, Регионална канцеларија на СЗО за Европа на сесијата потсети дека сега се ближат празниците и луѓето ќе сакаат да патуваат. Сега е најдобро јавноста да знае како да се однесува кога патува во друга држава и како вистински да се придржува до мерките.

Важно е, како што рече, медиумите да ја пратат вистинската порака.

-Сакаме да имаме подобра комуникација, односно пораките на вистински начин да стигнуваат до јавноста, затоа што сите мерки кои се воведуваат за заштита од Ковид-19 стигнуваат до јавноста преку медиумите, а само со вистинска примена на мерките можеме да избегнеме ограничување на движење и ќе ги намалиме последиците кои се штетни за економскиот развој.

Епидемиологот Драган Кочински од Институт за јавно здравје во однос на состојбата со Ковид-19 во нашата држава потсети дека првиот регистриран случај е на 26 февруари минатата година, а прв регистриран кластер е во Дебар. Вакцинацијата започна на 17 февруари оваа година, а заклучно со 7 декември оваа година, вкупен број на случаи има 134.460. Од нив, починати се 4.784, или 3,56 отсто.

Вкупен број на случаи во 2020 година се 83.734. Од нив, 2.904 се починати, или 3,47 отсто.

Кочински посочи дека поголем ризик за смрт постои кај мажите, бидејќи 59,5 отсто од починати се мажи, а за заболување кај жените, одосно 50,8 проценти од заболени се жени.

Од заболените, доминира возрасна група на 60 години. Најголем број на заболени случаи има во поголемите градови – Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп и Битола. Во поголемите градови се регистрирани и најголем број на починати но поголема смртност има и во други градови, на пример Струга, Крива Паланка, Крушево. Во Скопје во моментов има најмногу активни случаи.

Карактеристично е, како што рече, тоа што во централниот дел на државата има најмногу заболени со Ковид-19.

Максимален број на ПЦР и Брз рапид тест направени во текот на еден ден се 9.296 најмногу тестови.

Во Квадарци, Неготино и Охрид има највисок опфат на вакцинирани со две дози, а најнизок е во Дебар, Струмица и Гостивар.

Засега, кај нас не е регистриран новиот сој омикрон, доминантна е само делта варијанта.