Изет Меџити во интервју за „Лајм“ вели дека на лидерот на ДУИ, Али Ахмети не му е грижа за никој од нив, ниту кога станува збор за градоначалник од редовите на интегративците. Меџити ова го изјави по пријавата на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу кој рече дека бил мета на закани од Муарем Хасани, заменик директор на Царината.

Меџити во интервјуто вели дека со Ахмети немаат комуникација повеќе месеци.

„Не контактиравме со господинот Ахмети повеќе од 7 можеби 8 месеци. Комуницираме само преку медиумите. Но тој и овојпат како да не забележува кога е нападната институцијата градоначалник и не презема ништо за да се надмине таквата ситуација. Се виде дека се нефункционални обвинителството и судството, нели за тоа е доказ што градоначалникот беше пред дилемата дали да поднесе приватна или службена тужба. Кога е загрозен функционер, во која било држава каде што функционира правната држава, обвинителството, полицијата, мора да постапат по поднесена пријава. Во оваа ситуација господинот Ахмети и извршната власт се обидоа да ги замолчат институциите и тоа покажува дека институциите, судството и обвинителството се заробени и дека правната држава не функционира“, изјави Меџити.

Инаку, Ганиу, пред неколку дена во полиција пријавил дека Хасани преку телефонски повик му упатил закани по животот.