Потпретседателот на ДУИ и пратеник во Парламентот Изет Меџити нема да гласа за новото парламентарно мнозинство. Меџити вели дека Алијансата за Албанците влегува во Владата, за да се спаси Артан Груби, а не да се продолжи европскиот пат.“ – објави ТВ Алсат во својата информација со наслов „Меџити во ‘Патот кон’: Нема да гласам за новото парламентарно мнозинство“. Во емисијата „Патот кон“ Изет Меџити ќе зборува и за заканите од лидерот на ДУИ Али Ахмети и за преземањето на позициите на извршната власт од страна на „Огнената група“.
ТВ Алсат ги пренесува ставовите на Меџити: „Нема да гласам за ова парламентарно мнозинство, кое се прави божем заедно за Европа, а кое всушност е сојуз, за да се спаси Артан Груби. Јас ќе гласам во Парламентот со ‘против’. Ќе ги кажам моите ставови и ќе чекам да ги видам програмата, кандидатите за министри, дали излегува така како што слушам некои предлози од Алијансата за Албанците, особено во сферата на правосудството, каде што меѓународниот чинител е најчувствителен и каде што имавме остра реакција во текот на изборот на обвинителот за организиран криминал. Посакувам да не отишле толку далеку да скршнат: повикувајќи се на Европа, а да нема ништо европско во оваа власт. Мојот збор ќе го кажам во Собранието.“
По овие најави на Изет Меџити, кој е не само потпретседател на ДУИ, туку и највлијателен член, но и всушност предводник на „Огнената група“, се отвора голема дилема: дали покрај него нема да гласаат уште 5 други пратеници од ДУИ за новото парламентарно мнозинство?! Бидејќи, пред три дена Фатмир Лимани, потпретседателот на опозициската Беса, но кој е и внук на лидерот на ДУИ и оттука човек со можности да има „внатрешни информации“ од ДУИ, кажа во изјава за ТВ Клан Македонија дека „Огнената група има 6 пратеници под своја контрола“!
Ако Алијансата за Албанците донесе конечна одлука со своите 8 пратеници да влезе во владејачкото парламентарно мнозинство, тогаш се можни и одредени изненадувања дури и во таа смисла дали да не биде изгласан влезот на Алијансата за Албанците, ако шест „огнени пратеници“ од ДУИ да гласаат против и ако уште двајца други пратеници од помалите партии во последен момент се премислат, во случај да бидат незадоволни од третманот на нивните партии во извршната власт!