Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на сите здравствени работници им го честита Светскиот ден на здравјето-7 април, кој годинава се одбележува под мотото „Здравје за сите”. По тој повод се одржа свечен настан организиран од Македонско лекарско друштво, во соработка со СЗО.

Значајна новина е новиот Правилник за ставање лек на позитивна листа, кој ќе придонесе за побрзо осовременување на позитивната листа. Согласно европските практики, со него се дефинирани постапки и критериуми за утврдување лек на позитивната листа, кои важат подеднакво за сите лекови, како за домашни, така и за странски производители на лекови, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.

Во следниот период ќе се фокусираме и на проектот за регионализација на инфраструктурата на ЈЗУ низ државата, со цел доближување на здравствените услуги до местото на живеење на пациентите, посочи министерот Меџити.

Зајакнување на јавните здравствени установи со кадар е една од приоритетните области на која работиме. Со Лекарската комора, се фокусираме и за начините за скратување на административните процедури за лекарите. Паралелно сме фокусирани и на унапредување на условите за третман и лекување на пациентите, истакна министерот Меџити во денешното обраќање на настанот.

Меџити најави нови вработувања во здравствениот сектор, кои, според него, ќе следат откако другите здравствени установи под капата на Министерството ќе се изјаснат кој кадар им е потребен.

– Разговараме со сите засегнати страни и со Министерството за финансии, со ФЗОМ и со Владата. Ќе најдеме решение, но прво ни треба стратегија за да направиме програми. Побаравме од сите здравствени институции да ни достават колкави им се потребите и барањата за какви кадровски решенија. Да има и во ова систематизација, за да има функционалност и затоа не можеме толку да брзаме. Нормално знаејќи ја финансиската состојба на државата, нормално дека треба да се адаптираме кон тоа, но ќе има вработувања. Ќе се потрудиме да биде во најбрз рок, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.