Потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и дел од т.н. „Огнена група“ Изет Меџити вели дека нема да гласа за новата Влада, но нема никакви дилеми околу уставните промени. Тој е дел од групата која бара реформи во ДУИ, коалиционен партнер во Влада.
„Ова е политика на инает и за дневна политика и интереси и јавно кажувам дека нема да гласам за новата Влада, но да се дообјаснам до крај јас и сите пратеници Албанци немаме никакви дилеми околу уставните промени. Не треба да се поврзуваат двете работи. Како што не нарекуваат огнени, во моментов имаме тројца пратеници. Разговараме и со други. Гледам дека има незадоволство и кај помалите партии и други експоненти и ќе треба да причекаме“, рече Меџити во интервју за „Република“.
Тој смета дека Алијансата за Албанците е непотребна во Владата. Според Меџити, ова не е добро ниту за Алијансата за Албанците, ниту за Владата.
Во Собранието втора недела по ред трае изборот на нов владин состав, по реконструкцијата која уследи откако на владината коалиција и се приклучи партијата Алијанса за Албанците, а потоа од Владата си замина Алтернатива. И двете партии се од албанскиот блок на политички партии во Македонија.
Владината коалиција на СДСМ, ДУИ и Алтернатива досега броеше 64 пратеници во 120-члениот парламент. Со влезот на Алијанса за Албанците се добиваат плус осум пратеници, но излегуваат тројцата од Алтернатива. „Огнената група“ во ДУИ има тројца пратеници во Собранието.