„Некој во ДУИ тајно ги организира состаноците. Не нè поканија да дебатираме пред да излезат со заклучокот за самоотстранувањето“, вели еден од петте членови на Централното претседателство на ДУИ. Изет Меџти нагласува дека таквиот став е нелегитимен бидејќи не е заснован на партискиот статут, па затоа нема да се откажат од политичкиот субјект за кој вели дека го основале заедно со лидерот Али Ахмети, пренесе Алсат.

„Сите сме избрани на редовен партиски конгрес, со редовна процедура, избрани сме на раководни позиции во генералниот совет и тоа мора да го направат низ демократска процедура. Треба да го свикаат Советот или вонреден Конгрес да се одлучи како точка на дневен ред дека овие што придонесуваа 20 години за ДУИ, сега не размислуваат со здрав разум и да предложат да нè разрешат, но мора да се каже кој член од статутот го прекршивме“, рече Меџити.

Од Огнената група велат дека ќе продолжат да бидат дел од ДУИ како фракција, користејќи ги сите демократски форми и нема да се откажат од ограноците кои ги граделе и тоа не се однесува само на Чаир и Сарај. Огнената група бара да престане манипулирањето на јавноста преку игри со зборови, сериозно да се внимава на несогласувањата во партијата како резултат на кршењето на партискиот статут. Меџити вели дека најновиот срам за ДУИ е потклекнувањето пред поранешниот бранител Стојанчо Ангелов, заради социјалдемократите.

„Господинот Ахмети ги оквалификува како ултиматуми или како огромни неприфатливи барања кои ќе служат за зајакнување на ДУИ, но во исто време гледаме ултиматум од Стојанче Ангелов, кој нема ни пратеник во Собранието, само за да не ги доведе во опасност 4-5-тте илјади гласови на неговиот партнер СДСМ, прифатен е ултиматумот за бранители, заборавајќи ги војниците на ОНА. Сè ова говори дека ДУИ е заробена од диво месо и платеници, узурпатори кои се таму за интереси и функции“, додава Меџити.

Ниту денеска од ДУИ не објаснија врз основа на кој член од статутот на партијата го темелат едногласниот заклучок за смена на петте членови на Централното претседателство. Последната комуникација со медиумите беше во петокот пред влезот на средбата во Речица, кога Ахмети рече дека нема да се зборува за разрешувања. Но, потоа од партијата изразија жалење што Изет Меџити, Муса Џафери, Блерим Беџети, Висар Ганиу и Невзат Бејта самите си заминале од највисокото тело на партијата, но тоа тие го негираа.