Обвинителството ги анализира материјалните докази кои ги прибра од клиниката за онколгија, а се вршат и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Во координација со полицијата обвинителството вели дека интензивно се работи на расветлување на случајот, но не се споделуваат повеќе информации.

Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет и во оној момент кога ќе се стекнат објективни услови без да се наруши текот на постапката, соодветно ќе информира за сите резултати од преземените дејствија.

Денеска во јавноста излезе поранешниот организациски директор на клиниката, Нехат Нухиу. Во интервју за ТВ Клан Нухиу вели дека досега не бил повикан во обвинителството. Тврди дека тој не е виновен и жали за обвинувањата кон него.

Во интрејвуто Нухиу признава дека неговата мајка иако немала рак, била лекувала на Клиниката за онкологија и тоа во време на ковид пандемија, кога онколошките пациенти не смееше да се мешаат со други болни заради слабиот имунитет и чувствителноста на болеста. Лекувањето како што тврди Нухиу го дозволил поранешниот медицински директор Нино Васев.

На прашањето дали е можно на мајка му да ѝ биле препишувани лекови за канцер, кои што ги добивал некој друг Нухиу одговори дека не е компетентен да зборува за терапијата.

„Да, беше период на Ковид и навистина кога се зборува за вашата мајка човек гледа што побрзо да најде решение како да се третира. Со дозвола на медицинскиот директор кој ни овозможи да се лекува, но не се лекуваше од рак, беше период на ковид и другите клиники функционираа како ковид центри и затоа се леквуаше во нашата клиника, но тоа нема врска, освен ако некој ги злоупотребил таквите пациенти “

Министерот за здравство, Фатмир Меџити отиде на клиниката за онкологија, каде лично разговараше со пациентите уверувајќи ги дека не треба да се сомневаат во квалитетот на терапијата и професионалноста на лекарите на Онкологија. Како што соопштија од минстерството, Меџити присуствувал и на стручниот онколошки колегиум на кој разговарал за начинот на давањето на терапиите.

Од клиниката за онкологија апелираа да не се генерализира целиот персонал, бидејќи голем дел од нив работат професионално и посветено. И додека случајот со оваа клиника чека епилог, бројни други вакви случаи остануваат нерешени, како случајот со модуларната болница во Тетово, во која живи изгореа пациенти, како и со родилката Јилдиз Веаповска која при породување со царски рез остана без матка, јајник и бубрег.