Министерот за здравство Фатмир Меџити ги уверува пациентите дека терапијата на Клиниката за онкологија и радиологија во Скопје која во моментов се дава е соодветна и порача да не се шират невистини за побрзо да се реши случајот со продажбата на цитостатици во Косово која ја вршел медицински персонал од клиниката.

„Оваа клиника треба да биде светилник на болните од рак. Ја разбирам фрустрацијата што овој случај ја предизвика кај нашите граѓани, особено кај оние директно погодени од канцерогенитре заболувања. Ќе направам сѐ што е во моја моќ да се расчисти случајот на Клиниката за онкологија и да се утврди одговорноста на сите. Ќе создадам услови ова никогаш да не се повтори. За да се обезбеди темелна истрага, ќе бидеме транспарентни.

Никој од здравствениот систем не смее да се обиде да ги заштити престапниците. Доколку некој ја манипулира истрагата, остро ќе реагираме. Ги охрабруваме сите здруженија за борба против карцином, да придонесат во истрагата – истакна Меџити додавајќи дека КАТО системот за контрола на терапиите не бил фрлен, туку бил на Клиниката, но дека се прават анализи дали овој систем да се врати во функција или да се воведе нов систем за контрола на терапија.