„Огнената група“ од ДУИ веќе се издвои како фракција. Во разговор за „Фокус“, еден од предводниците, Изет Меџити, објаснува кои ќе бидат нивните следни чекори и дали можеби ќе формираат и нова партија. За тоа кој е лидер на ДУИ во моментов и дали очекуваат отворање судски предмети против нив како можна политичка одмазда, читајте во новиот број на „Фокус“ кој веќе е во продажба и онлајн.
Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
ФОКУС: Што доколку Ахмети реши да оди до крај и да ве исклучи од партијата, бидејќи фракции, нели, не се дозволени?
МЕЏИТИ: Многу нешта не се дозволени во Статутот на ДУИ. Како што се координаторите за политички и стратешки прашања во Чаир и Сарај. Тоа го нема во Статутот. Го нема и она што го прават „еден член – еден глас“. Нестатутарен е и влезот на Алијанса во Владата. За тоа не беше разговарано во партијата. И за владата на Заев и за владата на Ковачевски не беа поминати филтрите во ДУИ.
За фракцијата, точно е дека не стои во Статутот, но поважна е политичката волја. И до вчера Ахмети нѐ убедуваше дека тоа е европска вредност. Ако сакаме да се прикажеме како европски фронт, а ни пречи европска вредност како фракција, тоа е контрадикторно.
Во ДУИ никогаш немало исклучување од партија, па дури и некои луѓе имаа формирано и политички партии, како Острени, и тој не беше разрешен од позицијата во „Телеком“. Ние сме сѐ уште внатре во ДУИ и се соочуваме со работи што не се совпаѓаат со духот на ДУИ и со тоа како до вчера го знаевме Ахмети. Мек политичар, со меки ставови, широкоградни. И сега одеднаш се соочуваме со политичко диференцирање како во времето на комунизмот. Секој што ќе се осмели да каже збор против Артан Груби, утредента ќе биде разрешен.
ФОКУС: Од каде таа промена на Ахмети од мек политичар кон некои поинакви ставови?
МЕЏИТИ: Мислам дека тука е влијанието на Груби, на таквите околу Ахмети. Под нивно влијание, не само ДУИ, туку во последно време не можам да го препознаам ниту Ахмети. Особено во Чаир со изјавите: едниот ни кажуваше дека возот ќе нѐ прегази, другиот ураганот.