Изет Меџити, лидерот на „Огнената група“ која излезе од ДУИ и ќе формира нова партија, апсењето на Исмет Гури во интервјуто за ТВ24 го нарече „дефокус и притисок“, објавува Фактор.

Гури денеска е донесен во Основниот кривичен суд Скопје каде што ќе треба да се одлучи дали ќе му биде доделен притвор. Поранешниот заменик директор во дирекцијата на Управата за јавни приходи во Скопје е еден од осомничените во истрагата која се води против 15 лица кои се сомничат за даночно затајување, злосторничко здружување и перење пари, за која соопштија утрово од Обвинителството, но истовремено кога беше разрешен беше член на „Огнената група“.

Од Обвинителството велат дека со намера за себе да стекнат противправна имотна корист, осомничените го довеле во заблуда даночниот орган – УЈП и неосновано побарале и добиле враќање на ДДВ од околу 840.000 евра.

– Нема да навлезам во предметот, но тајмингот е избран за дефокусирање и притисок. Веќе не можам да го препознаам ДУИ. Стана симбиоза на тоа што беше режимот на Груевски и Тачи. Со разрешувањата и диференцирањата мислат дека ќе внесат страв и дека никој нема да го искаже своето мислење, но тоа ќе им се врати како бумеранг, рече Меџити.