Неколку часа откако беше објавен договорот за примирје меѓу Израел и Хамас, Тел Авив продолжи со жестоки напади во енклавата. Најмалку 32 лица загинаа, многумина се ранети. Меѓународната заедница го поздрави постигнувањето договор, но во кабинетот на израелскиот премиер Нетанјаху несогласувања. Договорот предвидува шестнеделно примирје, ослободување на 33 израелски заложници во замена на стотици палестински затвореници.

Што изјавуваат од меѓународната заедница?

Ова е ден на надеж, прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас мора да се спроведе и одржи – меѓународната заедница и хуманитарните агенции го поздравија примирјето, повикувајќи ги двете страни да се држат до условите. Франција и Канада бараат трајно политичко решение на конфликтот со две држави.

„Ова ни дава надеж да го насочиме нашето внимание на вистинско, трајно политичко решение за овој конфликт, решение со две држави со Израелци и Палестинци кои живеат рамо до рамо во безбедност и достоинство“, изјави Џастин Трудо, премиер на Канада.

„Ова е ден на надеж, по 466 дена агонија и болка низ Блискиот Исток, конечно на овој ужас му дојде крајот“, рече Дејвид Лами, министер за надворешни работи на Велика Британија.

„Подготвени сме да го поддржиме спроведувањето на овој договор и да ја зголемиме испораката на хуманитарна помош за Палестинците, затоа ги повикувам двете страни да ја олеснат брзата и безбедна достава до цивилите“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Историски момент

За Хамас, но и за Иран, договорот е историски момент и пораз за еврејската држава. Прекинот на огнот стапува во сила в недела, а само неколку часа пред да биде изгласан од владата во Тел Авив, Израел изврши нови напади во Газа.